Вечерва во центарот на с.Миравци, гевгелиско граѓаните се самоорганизираа со цел да оддадат почит на жртвите од тешката несреќа во Кочани.
Поставени се садови со песок и кутија со свеќи за да се запали свеќа и оддаде почит според христијански обичаи на починатите кои не се веќе меѓу нас. Локацијата е пред влезот на дискотеката „Париз“ во Миравци, стогиот центар на населбата.
– „Се палат свеќи во знак на сеќавање и почит кон оние што ги загубивме во трагедијата. Вашето присуство ќе биде знак на поддршка за семејствата и пријателите на загинатите“ – велат жителите на Миравци.
Секој самоволно остава паричен прилог кој ќе биде дониран на семејствата на загинатите.
– „Заедништвото е дел од нас. Обвиени во тага и непребол чекориме напред. Д останме силни и цврсти во овие тешки времиња. Солидарност и сплотеност меѓу нас“, порачуваат миравчани.
Македонија денеска е во жалост. Прогласена е седумдневна жалост за жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде загинаа 59 пред се’ млади лица, а 155 се повредени со тешки изгореници и труење од гасовите кои настанале во опожарената просторија на диското.