Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека лекувањето на пациентите од пожарот во Кочани во другите држави е генерално бесплатно.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со шпекулации дека се собираат пари за лекувањето, тој одговори дека нема потреба за изнесување невистини.
– „Генерално во 99 проценти е бесплатно лекувањето и нема потребаа никој да собира пари.Така што, нема потреба за шпекулации и за невистини. Ова е вистината која што е објавена пред три-четири дена, не е од сега. Можеби во некоја држава, меѓутоа, генерално 99 проценти од лекувањето во сите држави е бесплатно“, рече тој.
Додаде дека Владата обезбедила средства за патување и сместување на по двајца родители или членови на семејство на пациентите во сите држави.
Инаку, од вчера на социјалните мрежи креиран е веб портал за донации на средства на пациентите кои се лекуваат од повредите вод пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Истакнати се банкарски сметки, имиња на повредените и роднински носител на сметката. Вчера беше ден на колективен погреб на 59-те жртви од трагедијата во Кочани.
Во моментот бројката на пациенти што се лекуваат во моментов е 162, а денеска 10 од пациентит кои лежат во државата ќе бидат испишани, изјави министерот Таравари на денешната прес-конференција по редовниот состанок на кризниот штаб во Министерството за здравство.
Тој потенцираше дека повеќе не се праќаат пациенти надвор од земјата бидејќи сите, кои останаа тука, се стабилни.
Во несреќата што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.