Денеска на вонредна 60-та седница, закажана поради трагедијата во Кочани Советот на општина Гевгелија изгласа Одлука за доделување на финансиска помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.
Со Одлукта се одвојуваат 1.500.000 денари средства од Буџетот на општината за семејствата на настраданите. За ваква солидарност гласаа едногласно со „ДА“ сите 19 членови на Советот на општина Гевгелија.
Средствата ќе се обезбедат од Буџетот на општина Гевгелија за 2025 година и тоа:
- 1.000.000 денари од ставката ДО-Градоначалник, подставка 464 – разни трансфери, и
- 500.000 денари од ставка АО- Совет, потставка 412 – постојана резерва, непредвидени расходи.
Одобрените средства од гевгелискиот Совет ќе бидат уплатени на собирната сметка на ЦК на Македонија, т.н Фонд за солидарност при Црвениот крст на Македонија, на која можат да донираат и други хумани граѓани, фирми, општествено одговорни поединци за настраданите од пожарот во Кочани.
Сметката гласи: 300-00000013279-66
За Кочани солидарно се огласија повеќе фирми, општини и поединци. Заклучно со денешниот ден на сметката на Солидарниот фонд собрани се 43.149.360 денари за настраданите во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На гевгелиските советници им беше доволен само половина час да ја завршат законската процедура за изгласување на солидарната помош за Кочани. На почетокот на седницата оддадоа едноминутно молчење за почит на настраданите од трагичната несреќа во која загинаа 59 млади лица и возачот на Брзата помош кој ги превезуваше цела ноќ и цел ден повредените на пружање лекарска помош во околните болнички установи.