Четири од пациентите од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство се во критична состојба, а очекуваме осум да се вратат неделава во државава, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што соопшти, денеска се очекува да бидат испишани 16 пациенти од домашните болници, каде се лекуваат вкупно 46. На Клинички центар се лекуваат 26 пациенти и по 10 во ГОБ 8 Септември и во Свети Наум Охридски, во приватните болници осум пациенти. На лекување во странство се 115 пациенти.
– „Фаза на инфекции сме, можни се компликации. Колегите даваат максимум. Се надевам барем половина од пациентите ќе се вратат за две недели“, изјави Таравари.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани за пациентите кои ќе бидат на домашно лекување откако ќе се вратат од клиниките, да можат да ја добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат.
Бидејќи повеќето пациенти се од Кочани, тим од пластични хирурзи ќе бидат во Кочани, ќе одат таму да видат за што има потреби, за да интервенираат кога треба. Штипската болница веќе има четири пластични хирурзи. Ќе бидеме во комуникација, ќе им дадеме поддршка, за да не патуваат пациентите, туку нашите доктори да одат и да им дадат помош која што е потребна во фазите кои се пред нас, изјави денеска Таравари.
Како што напомена, на дел од пациентите ќе им потребна рехабилитација во траење од две недели, а на некои можеби и месеци.
- „Ќе размислуваме за опциите за тие кои што ќе останат и ќе бидат на подолгорочно лекување. Веќе размислуваме кои се можните опции“, додаде Таравари.