Спасувачите во Мјанмар успеаја да извлечат жива жена која поминала 30 часа под урнатините на станбена зграда по смртоносниот земјотрес кој вчера ја погоди оваа азиска земја.
Жената со име Фиу Лај Каинг на возраст од 30 години, била заробена во урнатините на станбената зграда Скај Вила Кондоминиум во Мандалеј, втор град по големина во Мјанмар и блиску до епицентарот на земјотресот.
Жената која е откриена во моменти кога надежите за пронаоѓање преживеани почнаа да исчезнуваат, веднаш е пренесена на носилки за да ја прегрне нејзиниот сопруг, а потоа е сместена во болница, јави новинарот на АФП.

По вчерашниот страотен земјотрес во Мјанмар со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, бројот на загинати е голем. Според податоците на тамошната владејачка хунта во Мјанмар бројот на жртвите во земјотресот се искачи на 1.644, повредени се 3.408 луѓе. Овие бројќи се очекува да се зголемат. Најмалку 139 лица се водат како исчезнати.
Продолжуваат операциите за пребарување и спасување во Мјанмар, особено во најголемите погодени градови – Мандалеј и главниот град Нејпидо. Спасувачки екипи и опрема веќе пристигнаа од други земји. Но, овој процес е отежнат поради штетите што земјотресот ги предизвика на аеродромската инфраструктура на двата града.
Авионите со спасувачки тимови слетуваат на аеродромот во Јангон наместо директно во погодените Нејпидо и Мандалеј, бидејќи земјотресот ја уништил кулата за контрола на летање на аеродромот во Нејпидо. Сè уште не е јасно дали има повредени или загинати при уривањето на кулата.
Ова е дел од состојбата во Мјанмар – разорани улици, разрушени згради, пропаднати куќи во земја, десеткатници паѓаат во секунда, разрушени моестови, затрупани луѓе кои чекаат помош…. И овој ден ќе биде долг за жителите на Манделј, град до епицентарот со најмногу штета и жртви.