Градот на југот по втор пат е седиште на културните настани во државата како носител и организатор на 140 културни настани кои ќе се одвиваат во текот на годината во Гевгелија, со поддршка на локалните културни институции, Општина Гевгелија и Министерството за култура на Македонија.
Свеченото отварање на манифестацијата ќе биде одржано во петокот, на 11 април на отворен јавен културен настан за сета заинтересирана, па и за случајната публика која ќе биде тој ден во центарот на Гевгелија.
Предвидено е да гостува Националниот џез оркестар со свој целовечерен концерт, со репертоар на незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена.
Овие безвременски мелодии ќе добијат нов, уникатен звук преку специјално адаптирани аранжмани за изведба со биг-бенд состав, а публиката ќе ужива и во врвните изведби на членовите на биг-бендот.
Освен музицирањето настанот ќе го надополнат и изведбите на вокални солисти: Андријана Јаневска, Светлана Јовановска, Дејан Бобиќ и Калина Велковска. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
На Концертот му претходат Самостојна изложба на Aна Митеска, насловена „Приказни во тиркиз- Извор на животот“, во Уметничката галерија на НУ Музеј- Гевгелија „Амам“, со почеток од 17:30 часот и дефиле низ Градскиот плоштад, со почеток од 18:30 часот.
Концертот е поддржан со средства од Министерството за култура и туризам во рамки на Проектот од национален интерес, манифестација „Гевгелија град на културата за 2025 година“.