Една недела пред големиот христијански празник Велигден, кој верниците со радост го очекуваат Христовото воскресение, викендов се прославуваат два поголеми христијански празници од пролетниот циклус. Утре е Лазарева сабота, а ден по него, односно в недела е Цветници.
Во саботата дента се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Да донесе радост и бериќет во домаќинството. Цвеќето се внесува дома другиот ден, во неделата на Цветници.
На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. В недела, пак, веднаш по Лазарева сабота е празникот Цветници. Познат е уште и како Цветоносна недела и Врбица. Овој празник секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот по кој минувал.
Овој ден Цветници се празнува од III век. Во Македонија на овој празник постојат различни обичаи. Кај нас е познат по накитените Лазаренки и распеаните девојчиња и девојки.

Заметете ги дворовите, утре може да Ве посетат Лазаренките и да ја запеат познатата песна:
„Ој Лазаре, Лазаре,
чии се овие дворови,
со босилек метени,
Лазаре!“
Некои ја пеат и оваа верзија, мераклиска:
,,Еј Лазаре, Лазаре,
море младо војниче,
Уд гудина су здраве,
па нваки да дојдиш”
