Гевгелија изминатата сабота беше град на срдечноста, хуманоста, доброволната прва помош, со младост низ улиците кои пружаа прва помош на повредени (симулирани) лица.
Во тој поредок на знаење и правила за правилно укажување на најнеопходната прва помош младите покажаа солидно и ефикасно знаење и спремност за да се справат со проблемите. Сепак, некој мора да е најдобар, за потстрек и за награда на наученото и применетото, од кое зависи нечиј живот.
Екипата по прва помош на Црвен крст на Р.С. Македонија – Општинска организација Кочани го освои првото место на Регионалниот натпревар на екипи по прва помош што се одржа во Гевгелија.
Во конкуренција на 16 екипи, младинците на Црвен крст Кочани беа најуспешни во укажувањето на прва помош на симулирани случаи на повреди и го освоија пехарот за прво место.

Победничката екипа во состав: Меланија Гицева, Ева Ангелова, Теа Гоцевска, Тамара Постолова, Миа Михаилов и Татјана Арсова освоија најмногу поени на натпреварот, вкупно 791 и со тоа се пласираа да го претставува Црвен крст Кочани на Државниот натпревар на екипи по прва помош во септември.
Анета Коцева – Секретар на ОО ЦК Кочани е задоволна од покажаното знаење на екипата која е победник на Општинскиот натпревар по прва помош во Кочани, сега стана победник на регионалниот натпревар по прва помош одржан во Гевгелија, за Регион 1 и се пласираат за настап на Државниот натпревар.
Домаќин на регионалниот натпревар беше ООЦК Гевгелија, а се работеше на укажување прва помош над симулирани повредени волонтери на тема „Прва помош во училишна средина“. Се натпреваруваа 16 екипи, претставнички на Црвениот крст на Македонија од Регион 1.
Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ д-р Саит Саити, пред учесниците на натпреварот истакна дека ЦКМ како најстара хуманитарна организација во Македонија, дава посебен придонес во промовирање на првата помош во образовните институции каде уште ги едуцираме младите за важноста од правилно и навремено укажување на прва помош.
Овие натпревари не само што ги поддржуваат младите во развој на практични вештини, туку ја поттикнуваат и свеста за важноста за правилна и брза реакција при итни состојби.

Победата на младите од ЦК Кочани само упатуваат на заклучокот дека градот на тагата Кочани има младост која знае, умее и која може да победува!
Затоа треба да се вложува во младите, нивната едукација за подобри и похумани граѓани во нашето општество.

Освоените пласмани од Регионалниот натпревар по прва помош се следни:
1. ОО ЦК Кочани – Прво место
2. ОО ЦК Гази Баба – Второ место
3. ОО ЦК Виница – Трето место
4. ОО ЦК Прилеп – Четврто место и
5. ОО ЦК Гостивар – Петто место
Екипите кои ги завзедоа првите пет места се пласираа за настап на Државно првенство по прва помош што ќе се одржи во Гостивар годинава, во септември.
Тимот на домаќините, екипата по прва помош од ОО ЦК Гевгелија доби награда да учествува на дисеминација по прва помош.
Честитки на победниците, честитки на пласираните за Државен натпревар и СРЕЌНО понатаму во знаењата, пружањето помош и градењето на млади луѓе со хумано срце!
