Гевгеличани и оваа година го исполнија срцето на хуманоста со пластични капачиња и преку нивно донирање за рециклажа набавени се два важни медицински апарати за потребите на Општа Болница Гевгелија, која секако служи на здравјето на граѓаните на општина Гевгелија и поширокиот регион.
Набавен е и дониран мониторин уред за следење на виталните функции на организмот и аспиратор при транспорт на педијатриското одделение при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија. Значи, донацијата ќе биде во служба на најмалите жители од нашата општина, за дијагностика и за олеснето дишење при транспорт до здравствената установа.
– „Донацијата произлегува од успешно спроведената кампања “Рециклирај и подари живот 2” во која активно се вклучија граѓани, јавни и образовни институции, граѓански здруженија и приватни компании. Ефектот на кампањата втора година по ред е видлив, а бројот на подобрено здравје и здрав живот е непроценлив“ изјави секретарот на Црвен крст Гевгелија, Лазар Мешков, при предавањето на донацијата.

„Срцето на хуманоста“ произлезе како резултат на соработката на компанијата „Прогрес Груп Компани“ претставувана од Виктор Петковски и Црвен крст Гевгелија, претставувана од секретарот Мешков. Во првиот циклус беше доделен ехо апарат за потребите на болницата, а еве денеска се реализира успешна завршница и на вториот циклус со донација за Детското одделение при Општа болница Гевгелија.
Нивната идеја нема да можеше да се реализира ако гевгеличани не го полнеа „Срцето на хуманоста“. Тие го полнеа, и деца, и ученици, и институции, и групно детските градинки, и поединци, го полнеа, го преполнуваа, го празнеа и со нивната вложеност во овој проект се оствари оваа донација.
Честитки и за хуманите граѓани на Гевгелија за оваа донација!

Мониторинг уредот и аспираторот денеска се доделени на Општа Болница Гевгелија, а за значењето на донацијата и функционалната потреба од истите зборуваа д-р П.Матх и д-р Трајкова.
Од ЦК Гевгелија изјавуваат дека акцијата „Рециклирај и донирај“ ќе продолжи, па затоа упатуваат поттик до сите граѓани да продолжат да рециклираат капачиња во срцето на плоштадот во Гевгелија, бидејќи кампањата на хуманоста продолжува, а наскоро заеднички ќе ја откриеме новата цел, новата донација која треба да се оствари.
Да го полниме срцето со хуманост, а „Срцето на хуманоста“ со нови пластични капачиња за рециклирање!