Младиот 12 годишен атлетичар од Стојаково, Антонио Каракабаков, вчера на одржаното Државно првенство во атлетика во Куманово освои два подиума, две втори места на трките на 60 метри и 300 метри, категорија машки VI и VII одделение.
Освен медалите Антонио доби и Диплома за својот постигнат резултат во категорија на негови врсници, а во конкуренција на ученици од основните училишта во Македонија.
Државното првенство се одржа вчера, на 19 мај, во организација на Федерацијата на училишни спортови на Македонија и Општинскиот спортски Сојуз на Куманово. На истиот учествуваа над 350 ученици во категориите трчање, штафетно трчање, скок во далечина, скок во висина, фрлање ѓуле и др.

Третото место во категорија 300 m машки VI и VII одделение го освои Стефан Петровски од ООУ „Владо Кантарџиев“ Гевгелија, под менторство на наставничката Љубица Гунова.
Антонио на ДП ги потврди своите спринтерски способности, знаејќи дека е носител на многу медали на општински, државни и меѓународни натпревари во текот на изминатата година. Само ќе потсетиме на освоеното ПРВО место на трката во Лутраки Грција, на освоениот подиум за ПРВО место на детската трка од 1 km на спортската манифестација „November Run“ Гевгелија 2024.
Антонио е ученик во VII одделение во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стојаково, а наставник по спорт му е Томе Попов.

Од ноември 2024 година направи трансфер и членството во АК „7 Ноември“ Гевгелија го замени со членство во АК „Аеродром“ во Скопје каде има поголеми можности за напредок во атлетиката и бодување на резултатите во Атлетската федерација.
Честитки за атлетскиот Вицешампион од југот!