Првите припремни работи со гребење на стариот асфалт веќе одамна беа завршени. Денеска се поставува првиот слој пред поставување на асфалтна постилка на влезната раскрсница на почетокот од Булевар Гевгелија.
Градежната механизација е на терен, а сообраќајот се одвива внимателно, претпазливо поради присуството на габаритните машини и работниците на терен кои ги опслужуваат градежните зафати.
Овој зафат е проект кој се реализира со средствата од Јавниот повик на Министерството за локална самоуправа и Владата на Република Македонија за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти, а преку Министерството за транспорт и врски.
Градежните активности опфаќаат: реконструкција на коловозот со поставување полимерна мрежа за стабилност на асфалтот, реконструкција на тротоарите по целата должина, поставување нова ограда на мостот, промена на старите споеви (дилатациони ленти) за поврзување на мостот и изградба на атмосферска канализација на критичните точки од коловозот.
Внимателно возете на оваа сообраќајна делница, а ако не излегувате од Гевгелија одбегнувајте го овој правец за обиколка на градот.