Минатиот четврток, на 12 јуни 2025 во просториите на ОО на Црвен крст Гевгелија се одржа општински натпревар по Прва помош во организација на ЦК Гевгелија, а на која учество зедоа ученички тимови од гевгелиските основни и средното училиште.
По низата прашања, симулирани ситуации на незгода, пристап на повредено лице, тимовите натпреварувачи имаа одредено време да го покажат своето знаење и на правилен начин да пристапат кон отстранување на опасноста која го загрозува човечкиот живот и пружање прва помош.
Најуспешни и најдобри во покажаното знаење беа девојките од тимот на ООУ „Ристо Шуклев“ од Негорци. Тие го понесоа победничкиот пехар од натпреварот и Диплома за покажаното знаење.
Заслужни за успехот се ученичките од VIII одделение кои го сочинуваа тимот: Снежана Стојевска, Софија Стојевска, Симона Ташкова, Златка Ѓоргиева, Жанета Трајкова и Душица Трајкова.
Заслуги има и менторискиот труд на наставникот Венци Попов, вработен во ООУ „Ристо Шуклев“ Негорци.

Познавањето на правилата и протоколот за Прва помош може да спаси живот, а правилната примена е дел од обуката која ја изведува стручен тим при Црвениот крст во Гевгелија. Ученичките од Негорци ги впиле сите знаења и се изборија за победничкиот пехар. Не им треба славата како на херојското момче Јован Костадинов од Виница кое спаси 21 унесреќени и повредени лица од несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ама сепак да одбележиме кои се највредните и најдобрите познавачи на Прва помош кај нас: Снежана, Софија, Симона, Златка, Жанета и Душица, – златните девојки со златно срце кое знае и може да помогне со примена на прва помош за спас на нечиј живот.
Браво девојчиња!