Дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ поскапува за два денари по литар, а цената на другите горива останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,57 отсто во споредба со вчера.
За 4 дена дизелот има покачување на цената од 4,5 денари.
Вчера, 19.06.2025 РКЕ изврши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,06% во однос на цените донесени со одлука на РКЕ на 16.06.2025 година.
Новата малопродажнa цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 72 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-95 и понатаму ќе се продава за 76, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 78, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 70 денари за литар.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 5,314 отсто, кај дизелот за 4,601, кај екстра лесното масло за 4,326 и кај мазутот за околу 2,135 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1781 отсто.
Цените стапуваат на сила и ќе се применуват од вечерва на полноќ, поточно на 21.06.2025 година во 00:01 часот.