Граѓани, еко активисти и љубители на природата денеска од 06 часот заочнаа блокада на Кожуф во знак на неодобрување на изградба на две мини хидроцентрали на реката Дошница која тече низ Кожуф планина.
Протестот се одвива со блокада на патот до Смрдлива вода и ќе трае од четврток до сабота од 06 до 18:00 часот, а во недела кога е закажан главниот протест блокадата ќе трае од 06:00 ч. до 23:45 часот. Ова со цел да се спречи влез на механизацијата која треба да ги започне активностите за изградба на две мали хидроелектрани на реката Дошница и да се искаже револтот и неодобрувањето од граѓаните.
Организаторите порачуваат:
– „Сакаат да направат пустина од Дошница, најчистата река во Македонија – НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ! ⚠️
Во недопрената природа на Кожуф планина, над Смрдлива Вода (Гевгелија), сакаат да градат ДВЕ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ.
Хидроцентралите се на територија на Општина Кавадарци, меѓутоа ова значи уништување и загрозување на живиот свет и водата во Демир Капија, Гевгелија, Неготино, Росоман и Кавадарци и околните села БИДЕЈЌИ СИТЕ ПИЕМЕ ВОДА ОД ИСТАТА ПЛАНИНА!
Конска Река (Гевгелија) е веќе пресушена.
Под закана се Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Селечка, Брајчино, Станечка, Врановска, Бачишка, Падалишка река…
Уште колку реки и планини треба да се уништат за да престанат да се градат овие хидроцентрали?
Хидроцентрали на Дошница НЕ СМЕЕ ДА ИМА!“ – порачуваат организаторите на денешниот протест со блокада на патот на Кожуф кон Смрдлива вода.