Стотици активисти и граѓани денеска се собраа на протест во местото Смрдлива Вода на Кожув планина, на кој го изразија својот револт против планот да се изградат две мали хидроцентрали на оваа планина.
– „Сакаат да ги исечат вените на Кожув“, „Народот е спасот за Дошница“, се само дел од транспарентите, со кои денеска активистите испратија јасна порака – дека се против било каква изградба на вакви објекти со кои значително би се нарушил биодиверзитетот. Иако биле поканети градоначалниците на трите општини, Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, да присуствуваат на протестот во знак на поддршка на граѓаните, во Смрдлива Вода дојде само градоначалникот на Демир Kапија, Лазар Петров.
– „Со овој протест сакаме да испратиме порака до властите, да им дадеме до знаење дека насекаде хидроелектрани се рушат бидејќи го рушат биодиверзитетот и влијаат врз климатските промени. А ние, наместо со Устав да ги заштитутваме планините, кај нас се дозволува истите да уништуваат. не се работи овде само за реката Дошница. Во Македонија треба да се стопираат сите концесии за изградба на мини хидроелектрани. Ако си ја сакаме државата, треба да ја штитиме и чуваме“ вели Марина од ЗГ „Change makers“, пренесува „мета“.

Градоначалникот на Демир Капија истакна дека во конкретниот случај тој е на страната на граѓаните и активистите и е на став дека не смеат да се градат хидроелектрани на Кожув.
– „Јас сум повеќе за да има базени, брани, акумулации со вода“, рече Петров, кој минатата година, заедно со градоначалниците на Гевгелија и Кавадарци, покренаа иницијатива за прогласување на Кожув за Национален парк, со оглед на фактот дека планината ги опфаќа сите три општини.

Денешниот протест беше најавен и на Фејсбук, а во објавата организаторите прашуваат – Уште колку реки и планини треба да се уништат за да престанат да се градат хидроелектрани?
Активиститите од четвртокот својот револт го изразуваат со блокади на патот кон ски-центарот, каде што се планира изградбата на овие објекти.
– „Во МВР за протестот и блокадата е пријавено дека ќе трае до нова година, 01.01.2026. Ако треба ќе продолжи и до 2027 . Се гледаме и утре и во недела и до бесконечност“ – напиша на социјалните мрежи пратеникот од Гевгелија Саше Јанчев.


На протестот имаше луѓе, летувалци во планинаското летувалиште Смрдлива вода и граѓани поддржувачи кои се придружија во пораките за спас на Дошница.