Граничниот премин Стар Дојран подготвено го дочека летниот туристички бран со отварање на две нови ленти за гранична контрола кои овозможуваат побрз и поефикасен влез и излез во/од државата, а намалено е и времето на чекање на возилата и патниците.
Оваа новина е направена пред два месеци, а податоците на проток на возила и патници покажуваат дека услугата на граничната контрола се одвива побрзо со овозможување побрз проток и фреквенција на патниците.
Податоците на МВР велат дека сега се остварува премин преку ГП Стар Дојран на над 35.000 патници неделно од кои 21.000 се странски државјани.
– „Брзината е зголемена, а времето на чекање намалено за половина. Ова не е само логистика – ова е безбедност, гостопримство и државничка грижа на дело! Посебно горд сум што по долга пауза, повторно е воспоставена граничната патрола по Дојранското Езеро. Тоа е доказ дека нема да дозволиме ниту една точка од нашата граница да остане незаштитена – ниту на копно, ниту на вода.“, потенцираше директорот на БЈБ Јанев при денешната посета на ГП Стар Дојран.
Посетата беше и прилика директорот да изврши увид врз донираната техничка опрема и возила од страна на Сојузната германска полиција и потенцираше дека таквата поддршка ни’ значи многу.
– „Германските партнери преку опрема, дигитални алатки и заеднички обуки ја зајакнуваат нашата Гранична полиција да биде уште поефикасна во откривање и спречување на прекуграничниот криминал. Ова е патот напред: патриотизам на дело, партнерства во пракса, безбедност за секој граѓанин и бескомпромисна борба против криминалот!“, подвлече директорот Јанев.
Тој изрази сигурност дека македонската полиција ќе продолжи да ја чува својата граница, со чест, со знаење и со сојузници!