Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против државјанин на Република Србија осомничен за кривично дело – „Фалсификување исправа“ од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот на 24 јули, на регионалниот пат Гевгелија – Богданци управувал автомобил „Фолксваген Поло“ со лажни италијански регистарски таблички.
Полициски службеници во близина на раскрсницата Ѓавато му дале светлосен знак да застане за да извршат редовна контрола. Но, осомничениот не запрел туку го забрзал возилото, а полицајците го следеле. Кај местото викано „Карпи“ го оставил автомобилот и побегнал, но по кратко време бил пронајден. Полицијата констатирала дека осомничениот не поседува сообраќајна дозвола или каква било друга документација за да се утврди потеклото на возилото, додека регистарските таблици припаѓаат на друго возило.
По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија определи мерка притвор во траење од осум дена за осомничениот.
За овој настан МВР извести следново:
На 24.07.2025 во 21:00 часот во с.Ѓавато, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиja од слобода З.З.(39) од Република Србија поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик. Запознаен е jавен обвинител, а лицето e предадено во Полициска станица Гевгелија за понатамошна постапка.
Не сите странски патници низ Гевгелија имаат туристички намери, некои се и со намера да го реализираат до крај својот криминален план.