Група од дванаесетмина експерти од различни природонаучни дисциплини, вклучувајќи биолози, геолози, географи и хидролози, денеска упатија ЈАВЕН АПЕЛ изразувајќи длабока загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроенергетски централи во сливот на реката Дошница на планината Кожуф.
Како што наведуваат во соопштението, овие планови се актуелизираа во време кога е во тек сеопфатен процес на валоризација за прогласување на подрачјето на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, кое го опфаќа целиот слив на долното течение на реката Дошница.
- „Со оглед на тоа што сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје, секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, вели проф. д-р Митко Караделев, кој е од овој крај, од Богданци и често своите научни трудови ги посветувал на истражувањата на флората на Кожуф планина.
Експертите формално бараат Министерот за животна средина и просторно планирање да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.

