Со својата самоувереност и гордост групата „ЗИЈАН“ од Гевгелија синоќа настапи пред својата најверна и најсакана публика, гевгелиската, во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025“ и покажа дека уште ја имаат есенцијата да забавуваат, да полнат концертни простори, да музицираат и измамуваат аплаузи од задоволната публика.
Плоштадот Гевгелија беше преполно шеталиште од млади и стари, големи и мали, сите во очекување да зафатат простор пред концертниот почеток на „зијанци“.
Настанот беше вистинско доживување за генерациите кои ги памеат нивните 43 години сценски растеж, песни, евергрини, рефрени, потсетување на новите генерации на духот на еден живот, исполнет со гитаријади, концерти, игранки…
“Деца бевме” пее Ацо Митров потсетувајќи ги сите на сентименталното време од времињата пред 30 – 50 години наназад, во детството, безгрижноста, младоста, растежот.
Составот годинава е без нивниот долгогодишен член Ристо Ќорнаков, но остануваат песните компонирани од него кои оставаат незаборавен белег во репертоарот на ЗИЈАН.
На сцената прозвучија синхронизираните инструментални изведби од познатите песни на „Зијан“ изведени од членовите: Ацо Митров (гитара и вокал), Коце Динев (гитара), Ане Динев (тапани), Кирил Зарлинов (клавијатури).
Зијан е македонска рок музичка група од нашиот град Гевгелија, (некои велат смоквичани, зошто имаат семејно потекло од с.Смоквица, гевгелиско). Нивните почетоци датираат уште од 1978 под името „Трета Смена“, кое наскоро го променуваат во Зијан. Својот прв настап го имаат во 1981 година во Скопје како прегрупа на бендот „Видеосекс“. Победуваат на „Гитаријадата“ во Заечар, со што успеваат да го снимат својот прв демо-албум во Белград. Најзапаметена ќе остане нивната песна „Пушти коси“, која е класичен пример за вметнување на мотиви од фолклорното творештво во рок-музиката. Добитници се на златна плакета од градот Гевгелија.
Гевгелија Ве памети, Гевгелија Ве сака, Гевгелија очекува ново концертно издание од своите миленици од „ЗИЈАН“!
