Свети Пантелејмон е името на заштитникот кој секоја година на 9 август според Православниот календар го слават жителите на село Ума, гевгелиско, староседелците, викендашите, гевгеличани и гости кои имаат свои семејни корени од ова убаво планинско село, на Кожуф.
На овој ден Св.Пантелејмон тамошниот црковен одбор подготвува сенароден празничен ручек во чест на заштитникот на селото, Пантелејмон, познат исцелител и маченик.
По тој повод во манастирот „Свети Спас’ во Гевгелија утрово се одржа утрена богослужба, а потоа и Свечена литургија. Црковниот одбор на црквата „Св. Богородица Пречесна” во село Ума, гевгелиско подготвува празнична литургија, а потоа свечен и благословен ручек за сите посетители.

Пантелејмон (“во се’ како лав”) роден е во 275 година од н.е., а маченички умира како непоколеблив христијанин во 305 година од н.е. за време на прогонот на царот Диоклецијан кога биле убиени 20.000 христијани. Бил еден од 14те свети помошници во доцниот Среден век, познат во Западното христијанство, а во Источното христијанство важел за еден од Светите неплатени исцелители кои му помагале на луѓето.
Неделниот викенд ден можете да го поминете во природните убавини на Ума и да оддадете почит на овој свет лик од Христијанството.

Село Ума – чистата природна воздушна бања на Кожуф планина, гевгелиско
Сместено е на 820 метри надморска височина во пазувите на Кожуф и ова е највисокото населено место од поткожуфските планински села во гевгелиско.
Во XIX била населба со 500 жители, а денеска важи за туристичка викенд населба, поради извонредните струења на воздухот, природниот свод, будењето со птиците и бескрајното зеленило.
Ако сакате да го посетите сторете го тоа на селската слава Свети Пантелејмон, кога и селото, и црквата, и жителите (едвам 4-ца според последниот попис) и викендашите, и гостите слават и се веселат во прекрасниот амбиент на селскиот пејсаж во Ума.