По петти пат годинава Гевгелија е домаќин и организатор на Меѓународниот викенд шаховски турнир за слепи и слабовидни лица „АУРОРА 2025“.
Турнирот има меѓународен карактер со учество на натпреварувачи од Србија (3ца) и 19 натпреварувачи од Македонија, од кои 4-ца се членови на Спортскиот клуб за слепи лица „Аурора“ од Гевгелија.
Тоа се: Трајков Лазо, Туранов Стамко, Туртуров Ѓорги и нашата најмлада шахистка Трајкова Лана која што има само 14 години, а оваа година веќе зад себе има две бронзени медали од двете најсилни државни првенства во Република Македонија.
На свеченото отварање на турнирот кое се одржа денес во салата на Негорски бањи пред присутните се обратија: Лазе Трајков, од име на организаторот, Спортскиот клуб за слепи лица “Аурора” Гевгелија, Благоја Мишевски – претседател на Националната спортската федерација на слепи на Македонија и Пепи Танчев од името на судијската двојка.
Првиот потег на шаховската табла бр.1 со потез „G-4“ го одигра претседателот на Националната спортската федерација на слепи за Македонија, Благоја Мишевски, со што Лазе Трајков во името на организаторот „Аурора“ го прогласи турнирот за отворен.
Вкупно 22 натпреварувачи точно во 16:00 часот ги запоседнаа 11-те поставени шаховски табли. Првиот шаховски потег на првата шаховската табла го повлекоа Лазе Трајков и Јован Димов, со што спортскиот дел од турнирот официјално започна со будна концентрација на натпреварувачите и под будното око на шаховскиот судијски двоец Танчев и Најдески.
Првото коло од шаховскиот турнир го сочинуваа игрите на овие шаховски двојки:
Турнирот “АУРОРА 2025” трае три дена, од денес, па преку следните два викен дена, се’ до недела, 17 август, во прекрасниот амбиент на Негорските бањи во Гевгелија.
Повелете, посетете го шаховскиот турнир. Натпреварувачите не ги кријат своите шаховски финеси и мајстории, туку уживаат во играта, дружењето и гевгелиската гостопримливост.