На годинашното издание на „Охрид Фест – Охридски Трубадури 2025“ познатата вокалистка од Богданци, Наталија Данаилова настапи со песната „Бело утро“ и ја освои тамошната публика и жирито.
Таа успеа да освои две фестивалски награди – Награда за најдобар аранжман на песната „Бело утро“ и ВТОРО место за најдобра песна по избор на жири комисијата на фестивалот.
Ова беше втор настап на Данаилова на фестивалот – прв пат се претстави во 2021 година, а годинава повторно ја потврди својата музичка зрелост и препознатлив стил.
Песната „Бело утро“ е со авторски потпис на:
– Весна Малинова (музика и текст),
– Дарко Тасев (аранжман) и
– Давор Јордановски (Микс и мастер).
Наталија покажа дека со годините како што зрее како личност така освојува и фестивалски сцени. Во Богданци ја знаат како девојче кое ги полнеше училишните сцени за секој патронат, или општински празник, а таа докажа дека љубовта кон песната не е само детски занес, туку љубов да се претстави музички и уметнички пред својата поширока публика во Македонија.
Извонредниот и емотивен настап на „Охрид Фест – Охридски Трубадури 2025“ и донесе многу аплаузи од публиката, награди на кои најискрено им се радуваше со својот тим и со тоа најави дека нејзиното време на сцената допрва доаѓа, а таа е подготвена да го исполни со музика, забава и доверба кон својата публика.
Честитки Наталија! Ти посакуваме нови успеси и нови уживања со музиката!