Од партијата Левица денеска се огласија со демант во врска со сообраќајната несреќа во која учесник и пријавител е нивниот пратеник – м-р Сашко Јанчев. Во демантот тие го изнесуваат следново:
- „Во интерес на вистината, а со цел јавноста да има точни и проверени информации, наместо тенденциозни спинови и лажни вести, во продолжение го споделуваме она што досега го знаеме од надлежните органи:
– Сообраќајната несреќа се случила ноќеска по полноќ, при удар на нерегистриран и неисправен моторцикл без светло, управуван од малолетник без возачка дозвола и без заштитна кацига, кој возејќи со неприлагодена брзина на патот, практично се забил во совозачката врата на автомобилот управуван од пратеникот Јанчев, кој во тој момент имал вклучен жмигавец за вртење десно (види слика од лице-место).
Според досегашните информации на очевидци, пратеникот управувал со возилото совесно, согласно сообраќајните правила и прописи, односно со пропишана брзина и НЕ бил под никакво дејство на алкохол (бидејќи Јанчев воопшто не ни пие алкохол)!
За жал, несреќата се случила за миг и практично не можела да се избегне, по што пратеникот на Левица постапил сосем присебно и одговорно и самиот лично повикал полиција и Брза помош, која на местото на настанот пристигнала дури по 40-на минути.
Во несреќата се повредени пратеникот Јанчев и негов сопатник (едниот со повреди на кичмата, а другиот со потрес на мозокот), како и малолетна сопатничка на возачот на моторциклот. За жал, малолетниот возач на моторциклот е најтешко повреден и е пренесен на болничко лекување.
Изразуваме длабоко жалење за оваа трагична ситуација и упатуваме искрени желби и намери до семејството на повредениот млад човек за негово што побрзо и целосно оздравување. Стоиме на располагање и тука сме за било што, што е потребно во процесот.
Апелираме до младите да бидат одговорни учесници во сообраќајот и секогаш да се придржуваат до правилата, со цел да се избегнат вакви сериозни несакани ситуации во кои страдаат сите инволвирани“ – се вели во демантот на Левица.
Од партијата упатија повик за доследен одговор од институциите:
– „ Ги повикуваме институциите чесно, одговорно и без притисоци да си ја завршат својата работа на крајно професионален начин.
Посакуваме ова никогаш и никому да не му се случи и изразуваме најискрено и длабоко жалење за инцидентот“ – истакнуваат од Левица.
Инаку, во текот на денот Јавното обвинителство во Скопје објави Одлука со која на Јанчев привремено му се одземаат патната исправа и возачката дозвола, со што му се ограничува можноста да ја напушти државата и повторно да управува моторно возило. Целта на ваквите мерки е да се обезбеди негово присуство и непречено водење на кривичната постапка, која што денеска ЈО ја отвори против него во врска со сообраќајката во Марино, општина Илинден, – се наведува во Соопштението од Јавното обвинителство-Скопје.