Театар „Чекори“ – Скопје учествуваше на 18-тото издание на Фестивалот на аматерски култури (ФАК) во Славонски брод, Хрватска со претставата „No Exit“ од Жан Пол Сартр која беше препознаена и наградена со две многу значајни признанија:
1. Награда за најдобра претстава според одлуката на стручното жири;
2. Награда за најдобра машка улога – Иван Делиманов, за улогата на Гарсен.
Инаку Делиманов е млад македонски актер од Гевгелија, долгогодишен член на драмската група „Дон Кихот“ од Гевгелија, учесник на бројни претстави пред гевгелиската публика. Своите актерски амбиции сега ги остварува како член на Театар „Чекори“од Скопје кој дејствува повеќе од 50 години на домашната сцена, а Делиманов е дел од нивните поставки и ете, и забележителен на сцената, и наградуван.


Освен ова, на Фестивалот на аматерски култури во Славонски брод за театарот „Чекори“ исклучителна чест беа и самите номинации за дел од актерскиот состав и режијата:
– Јована Гавриловска – за најдобра главна женска улога (Естела)
– Маја Ѓурчевска – за најдобра режија.
Среќните добитници на наградите велат дека: „Ова признание е поттик за нас да чекориме понатаму, со уште поголема љубов и посветеност кон театарската уметност“.

Следен фестивал на кој ќе учествуваат овие неуморни уметници од „Чекори“ е „Казалишне вечери националних мањина” во Загреб со претставата „Ехо на заборавот“ од Ирем Генишел Бешкоска во режија и адаптација на Маја Ѓурчевска.
Организатор на фестивалот ФАК е Сатирично казалиште младих, кое ете умее да ги препознае и вредностите на македонските театарски уметници.
Честитки за Делиманов и за 50 годишната таложена уметничка експресија во театар „Чекори“!