По седумдневно затишје од пожарот што гореше во шумскиот појас близу с.Петрово, гевгелиско, неделава е регистриран нов пожар кој ги ангажира повторно противпожарните сили од Гевгелија.
Во моментот на терен се две противпожарни возила со 8 пожарникари од единицата на ТППЕ Гевгелија кои се борат со новата огнена наезда.
Гори дабова шума, а има и бука, смрека, ела.
Пожарот е евидентиран во неделата на 14 септември, гореше на почетокот лисната маса падната под дрвјата. Во тој зародиш на пожарот хеликоптер на МВР интервенираше пред три дена со гаснење на огнот од воздух, заедно со ПП сили кои интервенираа на пристапниот планински терен.
Но, поради ветровите кои настапија во гевгелиско, акцијата на воздушните сили беше прекината.
Денес на терен е и екипа вработени од Шумското стопанство „Кожуф“ Гевгелија кои се исто активни во гаснењето на пожарот.
Ова е втор пожар на Кожуф годинава. Минатиот месец имаше повторно пожар во атарот на с.Петрово кога гореше лисната шума од 24 август до 6 септември.
Вториот пожар настана во близина на опожарениот појас над с.Петрово, но осумиот ден откако беше изгаснат.
Засега не е познато колкав простор од шумската вегетација е изгорена на Кожуф планина, но евидентно е дека веќе 20 дена гори шумска дрвена маса. Ако запре ветрот се очекуваат нови интервенции од воздух за сузбивање на огнената стихија.