На 11 Март 1943 година, нашите сограѓани Евреи беа одведени од страна на фашистичкиот окупатор во логорот на смртта Треблинка, од каде што никогаш не се вратија.
Меѓу 7.144 евреи од Македонија, беа и 14 жители на Гевгелија од двете еврејски семејства Брзилај (Самоил, Давид, Јаков, Деди и Виден) и семејството Ишула (Сафа, Салфета, Мануел, Давид, Аника, Маркита, Ида и Фекула).
Оваа спомен плоча за незаборав ја постави Сојузот на Здружението на борците од НОВ за Гевгелија и се наоѓа на зградата кај малиот плоштад во центарот на Гевгелија на која локација живееле двете семејства.

Цвеќе за сеќавање и непребол за нанесеното зло од фашизмот секоја година во знак на незаборав се поставува од членовите на Здружението на борците од НОБ од Гевгелија, во сеќавање на кобниот мартовски ден за еврејските семејства од Гевгелија.
Втората светска војна беше запаметена по масовниот фабрикуван геноцид врз евреите, милиони луѓе се претворија во прав во печките на смртта во масовното систематско убивање на околу шест милиони европски Евреи, во текот на Втората Светска Војна, меѓу нив и 14-те жители на Гевгелија од семејствата Брзилај и Ишула, кои никогаш не се вратија дома.
Вечна им слава! Никогаш да не се повтори фашистичкото зло!



















