Големиот пожар на Кожуф во шумскиот простор над село Кованец вчера ангажираше пет воздухоплови испратени од ЦУК: два хеликоптера пристигнати како помош од Словенија кои интервенираа уште од рано утрото, а попладнето беа испратени трите ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување со кои располага Македонија.
Епилогот од акцијата сепак не е „изгаснат пожар“ зошто и денеска се води како активен пожарот кој ја окупира Општина Гевгелија, евидентиран помеѓу с.Негорци и с.Кованец, каде од петокот, минатата недела гори мешана шума од даб, смрека, габер, прнар и има потреба од дополнителни ангажирања.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имаше вкупно 24 пожари на отворено, од коишто активни утрово се 13, врз коишто од рани зори противпожарно се дејствува по земја и со воздухопловна поддршка од сите летала што се во моментот на располагање и домашни и од другите земји кои испратија ПП летала како помош во кризната состојба заради пожарите од поголеми размери во Македонија.
Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека пожарот помеѓу Негорци и Кованец, Општина Гевгелија, што избувна на 12.07.2024 година се’ уште е активен и се шири кон н.м. Серменин. Во текот на вчерашниот ден дејствуваа 5 воздухоплови (2 хеликоптера + 3 ер-трактора), 17 пожарникари со 1 теренско возило и 2 ПП возила од ТППЕ Гевгелија, 5 пожарникари со 1 ПП возило од ДППД Дојран, 23 вработени во ШС „Кожув“ Гевгелија со 2 теренски возила и 1 специјално ПП возило, 35 вработени во ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија. Исто така на терен е присутна и Итната медицинска помош со еден тим (возач, доктор и медицинска сестра) со 1 возило.
Денеска не се сите воздухоплови на терен, некои покажале дефекти и потреба од поправка. Директорот на ЦУК, Ангелов најави дека во тек се поправките, па се очекува попладнево да има повеќе воздухоплови на располагање. Можеби попладнето Гевгелискиот пожар ќе добие повторно воздушна помош за гаснење.
Утрово силите на ТППЕ Гевгелија се повторно на терен заедно со вработените на ШС „Кожуф“-Гевгелија.
Шестдневниот активен пожар на Кожуф кај Кованец кој продолжи да се шири нагоре по планината кон с.Серменин до сега пеплоса над 120 хектари мешовита шума.