Убавите празници, значајни за жителите на село Ума се слават со песни, со ора, со музика, со празнични трпези, не еден ден туку цел викенд, зошто гостите се многу, а милоста на заштитникот Свети Пантелејмон доаѓаат да ја честитат и почувствуват многи жители од соседните села од Кожуфскиот регион.
Св.Пантелејмон е селска слава, панаѓур на планинското село Ума, ама освен уменци, веселбите на селото ги споделуваат и добронамерни гости од Гевгелија, Конско, Ново Конско, посетителите на Смрдлива вода, и сите вљубеници на Кожуф и забавите во планинската свежина во текот на летото.
Чествувањата започнаа уште на 9 август со свечена црковна лутургија во манастирот „Св.Спас“ во Гевгелија, како и во црквата “Св. Богородица Пречесна” во с.Ума. Во саботата се организираше вечерна сенародна забава со многу гости, а денеска црковниот одбор организира свечен ручек за сите посетители и милувачи на селото Ума.
Реализатори на целата организација, приготвување, чистење, поставување на астали и сервирање го изведуваат жителите на Ума доброволно, за благослов и милост од заштитникот Пантелејмон. Помагаат и децата со својата убавина, свечена руба и со насмевка ги дочекуваат гостите.
Ако Ве води патот кон Гевгелија, кон Кожуф, може да навратите да го посетите и селото Ума на 600 мнв на Кожуф, со пријатни воздушни струења, поради што го нарекуваат природна воздушна бања за асматичари, за луѓе со белодробни и срцеви заболување. Ама, гостопримството и празничниот ручек важи за сите, и за старо, и за младо, и за здрави, и за оние кои сакаат да ги почувствуват благодетите на природата и на Ума.
Честит панаѓур Уменци!
За многу години да е!