Противпожарни тимови на ТППЕ Гевгелија и ДППД „Дојран“ од Дојран се на терен во обид да го локализираат и елиминираат огнот кој од синоќа гори кај депонијата во Дојран.
Синоќа, уште во 2 часот после полноќ жители од Дојран реагираа дека гори депонијата која летово беше исчистена и од смет, и од грмушки, и од прнар израснат околу неа.
Се интервенира, претпладнево, се интервенира попладнево, се интервенира и сега, но силниот ветер во текот на денот ги отежнува акциите на противпожарните сили да го стават огнот во ликвидација. И изгаснатото се разгорува под налетот на ветрот.
Денот се приближува кон својот крај, сонцето ќе зајде и ќе ги одземе условите и видливоста за теренскиот пристап на пожарникарите до опожарените места.
Итноста е голема, растрчаноста на сите екипи исто така, зошто прогнозите се дека ветрот ќе засили со својата брзина и до 70 км/час, а тогаш ниту хеликоптери не ќе можат да интервенираат.
Само Бог знае зошто ова се случува, по четврти пат пожар над туристичката област Карач ова лето во Дојран.