Во рамките на месец октомври посветен на женското здравје и превенцијата од рак на дојка и рак на матка синоќа во Гевгелија се одржа јавна трибина „Биди свесна, проверувај редовно“ во организација на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, која функционира при Општина Гевгелија.
„Кога животот ти дава сто причини за да плачеш, покажи му дека имаш илјадници причини за да се насмевнеш“- рекол непознат автор.
Канцерот во нашето тело е можеби една од стоте причина да плачеме, но не е причина да не му се насмевнеме на животот. И, покрај помислата: „Зошто баш јас“. Ама jас, ти или ние, животот е еден и треба да се бориме за него.
Ова на некој начин е мотивот за одговор на засилената кампања за женското здравје, надежта да се бориме за зачувување на своето здравје, при што во рамките на трибината пред женската публика во салата на Народниот театар во Гевгелија беше премиерно претставен краткиот видеофилм „…Прежиеав“.
За важноста на самопрегледот, улогата на медицината и третманот на рак на дојка и другите репродуктивни органи кај жените, статистички податоци за Општина Гевгелија со број на заболени жени од канцер и менталното здравје кај жените со малигни заболувања зборуваа: д-р специјалист радиолог, Нако Поп-Ристов, д-р спец. хирург Зоран Димитров, д-р спец. гинеколог Петранка Никова и м-р по психолошки науки Розита Андонова.
Настанот беше организиран во соработка со ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија.
Ако знаеме дека Гевгелија предничи со број на заболени пациентки со рак на дојка во рамки на државата, и рак на матка, со ранг на 4то место по застапеност од жителките во Македонија, ако не бевте на синоќешната информативно-едукативна здравствена трибина – тогаш закажете преглед на дојките и преглед кај гинеколог. Осигурете го вашето здравје или превенција после првите симптоми за сомнеж од оваа опака болест. За женското здравје, за вашето здравје и „Розовиот октомври“ продолжете ја грижата за себе и во следните денови.