Несекојдневен подвиг на љубителот на висините, Стоилко Стоичев, дојранчанец и член на Планинарскиот спортски клуб „ДАБ“ од Дојран.
Во интервал од два дена искачи два врва од планинскиот масив на Хималаите:
– врвот Kala Patthar 5622 м.н.в на ден 27.10.2024 и
– врвот Lobuche Peak 6119 м.н.в на ден 29.10.2024 година.
Куриозитет на овој успех на Стоилко е што тој е лице со посебни потреби, има 98% оштетување на видот, кој го изгубил на 21 година од својот живот, но продолжил да се занимава со планинарство без да му дозволи на хендикепот да преовладува во неговиот живот.
– „Животот е еден. Наше е како ќе го живееме. Лесно е да кажеме, ние сме лица со хендикеп, па ќе се откажиме. Наспроти тоа треба да одиме напред“, вели Стоилко Стоичев, кој има 98 процентно оштетување на видот.
Стоичев е машински инженер по професија, но планинар во душа, тој досега искачил повеќе од 260 врвови со над 2000 метри.
– „На овие експедиции, секогаш одиме повеќе луѓе. Секогаш има еден човек пред мене и еден после мене. Човек ќе се навикне и на одењето и на се“, вели Стоилко Стоичев, планинар.
Овој неуморен планинар ја започнал својата замисла да ги освои седумте светски врвови на седумте континенти на Земјата. Започнал со планинарство во 2016 година и одтогаш продолжува приказната на искачување. Ваквиот оптимизам во животот што го споделува Стоилко може да биде инспирација и за другите да не потклекнат пред препреките и тешкотиите во животот.
– „Мојата порака е максимално да го искористиме животот. Утре не знаете што ќе ве очекува. Само главата нагоре, и само напред“, коментира Стоилко Стоичев.
Честитки за постигнатото и со среќа во остварувањето на неговиот спортски дострел – 7 врвови на 7 Континенти.