Одлука за доделување парична награда за вработените во ЈП Национални шуми П.Ш.С. „Кожуф“ Гевгелија кои учествуваа во гаснењето на шумските пожари ова лето 2024 донесе Советот на општина Гевгелија.
Парична награда во висина од 8.600 денари со вклучен персонален данок ќе биде исплатена на 44 работници во гевгелиското Шумско стопанство „Кожуф“ ангажирани за гаснењето на пожарите во шумскиот простор на територијата на општина Гевгелија.
Вкупниот износ на наградата од 378.400 денари ќе биде исплатен од Буџетот на општина Гевгелија од Програмата ДО-Градоначалник, ставка 464, врз основа на доставен список од ЈП „Национални шуми“ ПШС „Кожуф“ Гевгелија.
Така одлучи Советот на општина Гевгелија на вчера одржаната 53-та седница.
Претходно, на истата седница под точка 5 се одлучи да им се исплати еднократна парична награда на 20-те пожарникари од гевгелиската противпожарна единица, ТППЕ Гевгелија за професионалниот, неуморен и посветен ангажман во гаснењето на пожарите ова лето низ шумскиот и отворен простор во атарот на општина Гевгелија. Наградата изнесува 11.000 денари со вклучен ПД, во поединечен износ, или вкупно 220.000 денари за комплетниот тим на ТППЕ. Средствата ќе бидат исплатени од локалниот општински Буџет.
Со тоа локалната самоуправа преку претставниците избрани од народот им се заблагодарува на ангажираните во гаснењето на пожарите кои летово беснееја во Гевгелија, а тие пожртвувано секојдневно се вложуваа да ги стават под контрола и да ги ликвидираат огнаните закани. Одобрени се од буџетот средства во износ од близу 10.000 евра за оваа намена (598.400 денари).
Да ја трошат во добро здравје наградата!