Штипскиот ракометен клуб „АСТИБО“ со спортска традиција од 66 години, „ќари“ уште две ракометарки од гевгелискиот ЖРК „Гевгелија“.
Млади и надежни овој спортски избор го направија Ана Марија Горговска (голманка) и Елена Димова (крило) кои го продолжуваат својот спортки живот со ангажман во РК „Астибо“.
Ова е трето засилување на штипски Астибо со ракометарки од гевгелискиот ЖРК.
Прва „вратата ја отвори“ Благица Ступар, 17 годишната средношколка од Нов Дојран која настапуваше за ЖРК „Гевгелија“. Од вчера договор потпишаа Гоговска и Димова. Како колешки во играта сигурно својот спортски талент ќе го презентираат разиграно и со останатите ракометарки од „Астибо“.
Од управата на клубот се задоволни од изборот и им посакуваат добредојде на новите ракометарки од југот со зборовите:
– „Млади, талентирани и амбициозни, тие доаѓаат од редовите на ЖРК Гевгелија и се подготвени да внесат нова енергија и квалитет во нашата игра.
Добредојдовте во РК Астибо!“
Честитки за Ана Марија и Елена, да имаат спортска среќа и успех!
Ваквото селење на ракометарките од Гевгелија доаѓа после исклучувањето на ЖРК „Гевгелија“ да не настапува на натпревари под капата на Ракометната Федерација на Македонија, одлука донесена од РФМ во ноември минатата година и суспензијата на официјалните лица на ЖРК „Скопје“ и ЖРК „Гевгелија“ поради срамниот Куп натпревар.
После ова, годинава и Општина Гевгелија, го избриша ЖРК „Гевгелија“ од Програмата за спорт за 2025 година. Нема игра, нема финансирање, па нашите ракометарки спортскиот порив ќе го „трошат“ во други клубови.