Центарот за управување со кризи на Македонија излезе со информација дека во Македонија денеска активни остануваат 6 пожари, изгаснати се 10, а еден е локализиран од вкупно 17 регистрирани пожари на отворен простор во текот на денот.
Од активните, регистриран е повторно пожар на терен кај селото Грчиште, општина Валандово, каде гори ниска вегетација и нискостеблеста шума.
Ова е подрачје кое веќе 5-ти ден се разгорува по пожарот кој изби во средата од с.Марвинци, потоа и пред селото Грчиште и продолжи во петокот со крак кон с.Фурка преку месноста Погана. Во петокот со воздушна интервенција со хеликоптер на АРМ беше изгаснат пожарот во овој реон и огнената закана стопирана.

Ветрот кој е присутен цела недела на теренот создава услови за разгорување на згариштата, разгорувајќи искри од недогорените дрвца и ниска шума. Така проблемот секојдневно се актуелизира за задолжените противпожарни сили од регионот, вклучително и единицата на ТППЕ Гевгелија.
Ова е четврта огнена ноќ за жителите на Грчиште и месноста Погана која навлегува во атарот и на општина Богданци.