Во пресрет на големиот македонски празник, двојниот Илинден денеска делегација на Здружението на борците од НОБ и продолжувачи заедно со претставници од локалниот гевгелиски Совет, од здруженија на граѓани, политички партии и поддржувачи на македонската кауза го чествуваа празникот со положување цвеќе на спомен обележјата на борците од Гевгелија и гевгелиско, Илинденците и учесниците во НОБ.
Настанот се организира на покана од СЗБ од НОБ ОО Гевгелија и секогаш ги има своите поклоници да присуствуваат на таквата пригода.
Ниту староста не ги поколеба борците и продолжувачите да се поклонат бред храброста на гевгелиските стамени борци, а со наклонот за нив изразуваат благодарност за борбата, жртвата, положениот живот и на нивните соборци и храбрите македонски борци во виорот на Илинденските револуционерни денови и во вителот на Народноослободителната борба во ВСВ.
На настанот свое обраќање имаше претседателот на СЗБ од НОБ и продолжувачите за Гевгелија, Ангел Алчинов кој истакна:
– „Годинава се навршуваат 122 години од славното Илинденско востание и 81 година од одржувањето на АСНОМ. Денес, спроти 2 август, со длабока почит и гордост се потсетуваме на два историски настана кои засекогаш го втемелија македонскиот идентитет – Илинденското востание 1903 и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.
Илинден претставува симбол на македонската борба за слобода и национално ослободување. Во Крушево револуционерите на чело со Никола Карев ја прогласија Крушевската република – првата демократска република на Балканот. Иако краткотрајна, таа беше светол пример за борба против ропството и неправдата.
Четири децении подоцна, на истиот ден – 2 август 1944 година – по тригодишна тешка и херојска антифашистичка борба во манастирот „Прохор Пчињски“ се одржа Првото заседание на АСНОМ. Со тоа се поставија темелите на современата македонска држава: се утврди државно-правниот статус и рамноправноста на македонскиот народ, македонскиот јазик стана службен јазик и започна да се гради патот кон самостојна и суверена Македонија.
Посебен дел од говорот на Алчинов беше посветен на гевгелиските заслужни борци, војводи, нНародни херои:
– „Со посебна почит се потсетуваме на борците од двата Илиндена – на војводата Коста Попето од с.Смоквица кој со комити од Стојаково, Риндо Велков, Миле Зајков и други на 2 август 1903 година учествуваат во ослободувањето на Крушево, а потоа и во одбрана на Крушевската Република.
Се сеќаваме на Јосиф Јосифовски Свештарот Ѓорче роден на 2 август 1914 година во гевгелија – Народен херој на Југославија, Ванчо Прке од с.Серменин кој на 2 август 1949 година е проглаен за Народен херој на Југославија, Васо Карајанов кој загина на 2 август 1943 година“ – истакна Алчинов, а ние додаваме СЛАВА ИМ!
Денес ние не само што се сеќаваме, туку и ја превземаме одговорноста да ја чуваме таа слобода, единство и државност“ – истакна Ангел Алчинов при одбележувањето на двојниот Илинден пред Спомен костурницата во Гевгелија, претходно опсипана со цвеќе за борците.
Нека ни’ е честит Илинден, денот на слободата, единството и државноста!
