Со пригодна церемонија, со принесување цвеќе на спомен обележјата на паднатите борци од НОБ и пригодна спортска и културна програма денеска се одбележа 5 ноември, Денот на ослободувањето на Дојран.
Прославата започна со свечена седница на Советот на општина Дојран. Потоа, свежо цвеќе беше положено на спомен обележјата на паднатите борци од НОБ во Стар и Нов Дојран.
Учениците од ООУ “Кочо Рацин”-Нов Дојран трчаа крос во чест на празникот, а подоцна најбрзите од учесниците беа и наградени.
Се слушнаа креативни и моќни творби од страна на учениците, а почит на спомен обележјата во Стар и Нов Дојран оддадоа и граѓаните од општината, присетувајќи се на минатото, но разгорувајќи ја надежта за посветла и побериќетна иднина.


По повод општинскиот празник Одделенскиот актив при ООУ „Кочо Рацин“ реализираше работилница на тема „Дојран низ детски очи“. На истата учениците го изразија својот талент и креативност со креативни изработки коишто се изложени во холот на училиштето.



Сите пригодни настани беа посетени од учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Дојран, од граѓани, претставници на локалната самоуправа и граѓански здруженија од општината. Настаните беа со цел да се искаже благодарност и евоцираат спомени за оние кои ги посветија своите животи за обезбедување на денешната слобода – оние чија храброст и издржливост ги поставија темелите на кои стоиме денес, а тоа е 81 година слободен Дојран.


На постаментот на Споменикот на паднатите борци во НОБ во Нов Дојран стои напишано како порака од борците: „Ние се втемеливме, вие продолжете“ (по нас да ја градите иднината)!
Честит празник дојранчани!



















