Денеска напладне во Базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, државата Израел започнува церемонијата „преземање на Благодатниот оган во Ерусалим”, на која за прв пат свое учество има македонско-црковна делегација предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Државната комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Митрополит тетовски-гостиварски, Јосиф Тодоровски.
На овој голем чин кој се одржува секоја година на Велика Сабота има претставници од повеќе држави кои со владини и црковни почести, го пренесуваат светиот оган во своите земји, а вечерва тој директно од Ерусалим ќе ги осветлува светите храмови во Македонија.
– „Ова е историски чин кој се случува веднаш по воведувањето во канонско единство и признавање на нашата света црква, ова е прва година во којашто директно од Храмот со благослов на Патријархот Ерусалимски, ќе можеме да го преземеме огнот и да го однесеме во Македонија.
Секако дека е ова значајно за верата, значајно е за државата, за нашите граѓани, значајно е за нашата црква која веќе се вбројува во големото православно семејство“, изјави Спасовски.
Македонската делегација синоќа присуствуваше на вечерната служба. Тие се поклонија на гробот на нашиот Бог Исус Христос и со што е укажана голема чест и на државата и на македонскиот народ, на граѓаните кои живеат во нашата земја и секако на МПЦ-ОА.
Како член на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што оваа година за прв пат нашата држава ја има честа директно да присуствува на церемонијата на „преземање на Благодатниот оган“ директно од Ерусалим.
Македонската државно-црковна делегација присуствуваше на утринската богослужба во храмот на Воскресението во Ерусалим на која чиноначалствуваше Неговата светост, Патријархот Ерусалимски Теофил. Во пладневните часови се одржува церемонијата на „преземање на Благодатниот оган“ во Базиликата на Светиот Гроб.
Благодатниот оган ќе пристигне денеска во Македонија.
Како што соопшти владината прес-служба, Свечената церемонија на пристигнување на државната и црковната делегација и предавање на Благодатниот оган на аеродромот во Скопје, е предвидена вечерва, во 20.00 часот, со директен пренос на МРТВ.