Денес попладне, во 17 часот заврши акцијата за гаснење на пожарот кој започна вчера (04.10.2026) во атарот на с.Миравци, гевгелиско, во месноста наречена „Ѓуптин“, пожарот е целосно изгаснат. Акцијата траеше 29 часа и 30 минути и денес конечно е прогласена ликвидација на огнената закана, а противпожарните сили се повлечени од теренот.
По вчерашната локализација на пожарот, и одлагање на акцијата во ноќни услови, денеска од изутрина силите за противпожарна заштита беа упатени на терен. Во акцијата за гаснење беа вклучени силите на ТППЕ Гевгелија со 2 противпожарни возила и 4-ри пожарникари, 6-мина вработени од ШС „Кожуф“ Гевгелија, еден доброволец од ДППД „Свети Спас“ Гевгелија, а во текот на денот се приклучи на помош и тим на ТППЕ Неготино со едно ПП возило и тројца пожарникари.


На теренот околу ветерниците беше опожарена шумска вегетација, со ниска и висока шума, бидејќи одовде се протега шумскиот појас на Кожуф планина. Ветерните електрани не беа загрозени, ниту населбата Миравци.
Се проценува површината на опфатот на пожарот од страна на стручни лица на ШС „Кожуф“.


Индикативно е што само пред некој ден на 1 октомври заврши забраната за целосно или делумно движење во шумите и шумското земјиште во Македонија издадена од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), а на 4 октомври изби шумски пожар на Кожуф, кај ветерниот парк Миравци, што е во подножјето на Кожуф планина.
Неодговорност, несовесност или намерност на човечки фактор е причината на пожарот која може да ја утврдат само стручни лица.




















