Жител на Гевгелија лани имал приходи од 4,2 милиони евра или 257,5 милиони денари, а истите ги остварил од плати, закупнини, дивиденди…, соопштија денеска од Управата за јавни приходи (УЈП), од каде ја презентираа анализата за доставените Годишни даночни пријави (ГДП).
Втор со најголеми приходи е жител на Охрид, кој лани имал приходи од 254,3 милиони денари или 4,1 милиони евра.
Во Топ 5 со најголеми приходи следат тројца жители на Скопје, кои лани оствариле приходи од 222,3 милиони денари, 196 милиони денари и 192 милиони денари.
Највисоката годишна бруто плата од 139,1 милион денари (2,2 милиони евра) лани била исплатена од скопска фирма во дејноста вадење камен јаглен.
Најмладиот милионер во нашата земја има само четири години и минатата година „остварил“ приходи од 3,1 милион денари (или околу 50,4 илјади евра) од дивиденда од една домашна банка. Најстариот милионер во земјава има 97 години и лани остварил приходи од пензија од 1,1 милион денари или околу 17,8 илјади евра.
Лани УЈП изготвил претпополнети ГДП за околу 863 илјади граѓани во кои е искажан вкупен бруто доход од околу 612,9 милијарди денари, со пресметан данок на личен доход од околу 39,8 милијарди денари.
Во бројката на граѓани кои оствариле оданочив доход лани не се вклучени уште 185.000 граѓани, кои се пензионери, кои остваруваат доход само од домашна пензија, за кои УЈП не изготвува ГДП. Нивната бруто пензија е 113 милијарди денари.

Ова е дел од информациите кои денес ги објави Управата за јавни приходи на презентацијата на анализата доставените Годишни даночни пријави за минатата година и нивната споредба со претходната, 2024 година.
– „На врвот со годишен доход над 100 милиони денари во 2025 имаме 31 граѓанин со вкупен годишен доход од 4 милијарди и 973 милиони денари, наспроти 42 граѓани и вкупен доход од 6 милијарди и 753 милиони денари во 2024. Тие се многу мал дел од вкупниот број обврзници, но во даночната статистика се гледа и нивното значајно учество во вкупниот доход.
Регионалната распределба на остварените доходи покажа дека најголем број годишни даночни пријави се од подрачјето на Регионалната дирекција Скопје – повеќе од 308 илјади (36%). Следуваат Штип (16%), Прилеп (14%), Битола (13%), Тетово (11%) и Струмица (9%), – истакна директорката на УЈП, Елена Петрова.


















