Согласно најавите на Прес конференцијата на раководството на КК „Кожув“ минатиот месец, денес е потпишан Меморандумот за соработка помеѓу Кошаркарскиот клуб „Кожув“ и Кошаркарскиот клуб „Гевгелија“.
Овој чин и документираниот потпис за соработка претставува темел основа за посилна спортска, стручна и организациска соработка во интерес на развојот на кошарката во нашиот град.
Целта на ова партнерство е да се создаде континуиран развоен пат за младите кошаркари, да се овозможи нивно постепено вклучување во сениорската кошарка, да се разменуваат стручни искуства и заеднички да се искористат потенцијалите на двата клуба.
Гевгелија е град со 20.000 жители кој годинава ќе има 9 екипи во натпреварувањата под покровителство на КФМ.

КК „Кожув“ и КК „Гевгелија“ имаат финансиска и логистичка поддршка од општина Гевгелија.
По повод договорената соработка изјава даде Зафир Чучанов – претседател на КК „Кожув“:
– „Овој меморандум требаше да биде потпишан уште од самото формирање на КК „Гевгелија“.
Среќен сум што конечно го ставаме на хартија она за што одамна постои идеја и потреба.
Сметам дека соработката меѓу двата клуба е од големо значење за кошарката во Гевгелија. Нашата цел треба да биде заедничка, да им дадеме поголеми можности на младите кошаркари, да им овозможиме да напредуваат и да создадеме услови за нивно вклучување во сениорската кошарка.
Верувам дека ова е добар чекор напред и дека со отворена комуникација, меѓусебна поддршка и конкретни активности можеме да придонесеме за развојот на кошарката и за двата клуба.“

Свое искажување имаше и Томе Дуев – претседател на КК „Гевгелија“:
– „Потпишувањето на овој меморандум претставува важен чекор кон унапредување на кошарката во Гевгелија. Верувам дека соработката со КК Кожув ќе овозможи подобра координација меѓу двата клуба и создавање поголеми можности за младите кошаркари.
Наш интерес е да создадеме услови за развој на играчите, размена на искуства и нивно постепено напредување кон сениорската кошарка. Преку заедничка работа и меѓусебна поддршка можеме да придонесеме за развој на кошарката и за посилна спортска иднина на нашиот град.“

Со потпишувањето на овој меморандум, КК „Кожув“ и КК „Гевгелија“ ја потврдуваат својата подготвеност за долгорочна соработка, со заедничка цел, развој на младите кошаркари, унапредување на спортот и посилна кошаркарска иднина за Гевгелија.
Екипи од Гевгелија кои учествуваат во натпреварувачката сезона 2026/2027 се:
КК КОЖУВ – Супер лига
М12 КК КОЖУВ
М14 КК КОЖУВ
М16 КК КОЖУВ
М18 КК КОЖУВ


КК ГЕВГЕЛИЈА – Прва лига
ЖКК ГЕВГЕЛИЈА – Супер лига
М14 ЖКК ГЕВГЕЛИЈА
М18 ЖКК ГЕВГЕЛИЈА





















