Во организација на семејството Попови, а во соработка со Шаховскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија оваа недела ќе се одржи Вториот меморијален шаховски турнир „Венци Попов“ со меѓународен карактер.
Турнирот веќе собра над 100-на шахисти кои се пријавија за учество, а листата на учесници е отворена се’ до 18 август годинава. Шаховските фигури на црно-белата табла ќе ги вкрстат Србија, Бугарија, Грција и Македонија. Од Македонија учествуваат претставници од речиси сите регистрирани шаховски клубови во државата, а од гевгелискиот ШК „7 Ноември“ учество ќе земат 20 гевгелиски шахисти.
– „Годинава наградниот фонд е зголемен и изнесува 105.000 денари. Ќе се поделат награди за освоените први десет места во рангирањето по бодови и тоа највисоката парична награда од 20.000 денари ќе му припадне на најдобриот шахист, на второпласираниот 17.000 денари, трето рангираниот 15.000 денари и се до 10-то рангираниот кој ќе добие награда од 3.000 денари“ – изјави за GevgelijaNet претседателот на ШК „7-ми Ноември“ Пепи Танчев.
– „Заради успешната година и настапите на гевгелиските шахисти на регионални и државни шаховски натпревари годинава ќе го вреднуваме и наградуваме пласманот на гевгелиските шахисти на Вториот шаховски Меморијал „Венци Попов“ со награди од по 1.500 денари за најдобро пласираниот млад играч до 18 години и награда за најдобро пласираниот шахист од ШК „7-ми Ноември“ на годинашниот Меѓународен шаовски Меморијал 2023. Ова секако како поттик за учество и добра игра која ја очекуваме од сите нив“ – изјави претседателот Танчев.
Првиот Шаховски меморијал „Венци Попов 2022“ се одржа минатата година на иницијатива на семејството Попови, а во соработка со Шаховскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, во Негорските Бањи со што беше одбележан 9-годишниот спомен од прераната смрт на гевгелискиот и македонски шахист. На истиот учествуваа 85 шахисти од Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Иран.
Годинава раководството на ШК од Гевгелија изразува задоволство што својата најава меморијалот да прерасне во традиција успешно ја остваруваат, иако нивните годишни активности имаа турбулентен ритам, настап за влез во Втора шаховска лига, учество на натпревари во втора шаховска лига на Шаховската Федерација на Македонија и за неполн месец подготовки за Вториот меѓународен шаховски Меморијал „Венци Попов 2023“.
- „Гевгелискиот Шаховски клуб е подготвен да пречека над 120 шахисти во нашиот град и да им овозможиме фер игра на годинашниот Меморијален меѓународен турнир посветен на највисокиот шаховски мајстор што го имала Гевгелија, нашиот венци Попов. Задоволство ни’ е што за една година сме оствариле белег на нашата работа и годинава успеавме во пријавените шахисти од државата и странство да привлечеме како учесници шаховски Велемајстори, Интернационални мајстори и Фиде мајстори. Тоа е нашиот успех, и се надеваме на врвна игра. Ќе се одиграат девет кола по 10 минутна игра и плус 5 секунди за довршување на потегот“ – изјави претседателот на ШК „7 Номеври“ Пепи Танчев.
Турнирот ќе се одржи на 20 август во Гевгелија по повод 10 годишнината од прераната загуба на гевгелискиот Фиде мајстор, учсник на Првата југословенска шаховска лига на Југославија, многукратниот првак на Гевгелија, првак на Македонија и професионален шахист Венци Попов (1962-2013).