Денешниот празничен ден по повод 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ во Гевгелија се одбележа со посета на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ од Гевгелија и гевгелиско.
Со наклон и цвеќе почит искажаа Здружението на борците од НОБ од Гевгелија, Здружението на пензионерите, претставници од Општина Гевгелија, претставници на советничките групи во локалниот Совет на општината и бројни поддржувачи на историските традиции од нашиот крај.
За непокорот, за славниот 11 Октомври 1941, за приклучувањето на гевгелиските партизани кон народноослободителното движење во Македонија пред присутните беседа одржа претседателот на СЗБ од НОВ за Гевгелија Ристо Марковски.
Стамена почит со насмевки, поздрави и освежени сеќавања за нашите слободори од Македонија и од антифашистички настроената Гевгелија.
Во виорот на Втората Светска Впјна Гевгелија даде близу 180 жртви, од тоа 4-ца се прогласени за Народни херои, 7 паднати борци од Првиот партизански одред на Гевгелија „Сава Михајлов“, 21 паднати борци во партизанските единици на НОБ во Македонија во периодот од 1943-1944, 51 загинати борци во партизанските состави на НОБ на Македонија во периодот од 1944- до мај 1945 и многу жртви како последици на војната.
За време на празнични одбележувања делегациите вообичаено ги посетуваат спомениците и спомен обележјата поставени во центарот на Гевгелија. Останатите остануваат со својата стамена осаменост во Градскиот парк, пред Железничката станица во Гевгелија, во дворот на Тутунскиот комбинат, споменици на паднати жртви од фашизмот во областа Касарна, низ населените места во гевгелиско.
По долги години, една наша млада и храбра хероина денеска доби празнична посета и чествувачи кои положија цвеќе на нејзиното спомен обележје – ТАЉА БИКОВА ( 1927-1944). На свои 14 години се приклучува кон активностите на прогресивните младинци од Гевгелија. Кон крајот на 1943 станува член на СКОЈ (Сојузот на комунистичката младина на Југославија). Во партизанските единици на НОБ на Македонија се приклучува заедно со 10 младинци од Гевгелија во 1944 година. Станува борец на Четвртата Македонска бригада. Загинува во борба со германската војска на 28.11.1944 година во с.. Попчеово, Струмичко.
Денеска доби буќет цвеќе за својата храброст и положен живот за СЛОБОДАТА, во недрата на нејзината спомен биста поставена во дворот на некогашниот голем Тутунски комбинат во Гевгелија што го носи нејзиното име „Таља Бикова“.
Вечна слава на сите паднати борци, на сите заслужни млади кои се приклучиле на партизанските борбени единици на НОБ во Македонија и придонеле за ПОБЕДА и СЛОБОДА!
Слава и Вечен спомен!