Патот до планинското село Ума секоја сезона има своја потреба од одржување, а посебно во зима кога поради ниските температури, задржаната влага во карпите доаѓа до одрони кои паѓаат на патот, а од земјени наноси не е поштеден ниту одводниот канал покрај патот кој води до селото.
За таа цел, викендов беше спроведена акција за чистење на каналот крај патот што води до ова населено место.
Иницијатори и организатори на овој зафат беа членовите на Месната заедница и Здружението на Власите „Мегленија“, кои во соработка со ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, и нивната механизација заедно спроведоа чистење на каналот и зелените површини покрај патот.
– „Крајпатните канали се од голема важност за непречено одвивање на сообраќајот. Притоа, се изразува уверување дека ваквата иницијатива ќе биде прифатена и во другите населени места“, изразуваат надеж за нови вакви граѓански акции од Општина Гевгелија.
Акцијашите доброволци го исчистија и околниот простор од несоодветен смет. За поголеми зафати во ископи и расчистување на одрони се користеше тешката механизација на „Комуналец“ со теренски возила.