Специјалистички тим на доктори при Државните клиники направи во еден ден четири трансплантации на органи, при што еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, соопшти Министерството за здравство.
Министерот за здравство Илир Демири се заблагодари на семејството на донорот коешто се одлучи да ги донира органите од нивниот близок и притоа да спаси најмалку четири животи.
– „По добиената согласност во вторникот, во средата во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно нè потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот”, рече Демири.
– „Нивната одлука денес значи нов живот за некого, спасуваме најмалку 4 животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас нè прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје“, додаде министерот.
Од Министерството за здравство соопштија дека од 2020 година досега, трансплантирани се 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива, односно вкупно 77 органи што значат живот.
Првиот донор на срце во државата беше дојранчанката Емилија Динева (43 год.) која почина во тешка сообраќајна несреќа, а нејзиното срце донесе живот за 54 годишниот татко Иван Огњеновски од Скопје. Оттогаш Емилија испиша историја на органодарување во Македонија.