Младиот тенисер од Гевгелија Александар Груиќ и годинава докажува дека е тениска иднина во Македонија.
Денеска на Државното првенство во тенис за деца до 14 години тој освои ПРВО место во натпревар двојки и ВТОРО место во натпреварите од сингл категорија.
Победничкиот пехар во двојки го достигна со партнерот Марко Алексовски изведувајќи победничка игра со резултат 6:2 и 6:4 над Даријан Пановски и Андреј Темов, членови на ТК „Макс Тенис про“ од Скопје.
Второто место во поединечна категорија го освои во дуелот со својот партнер во двојки, Марко Алексовски со кој играше 1:2 во сетови.
Александар Груиќ е член на Тенискиот клуб „Југ“ од Скопје, во моментот најбројниот и најуспешниот тениски клуб во Македонија.
Со овие победи Александар останува број 1 тенисер во Македонија меѓу јуниорите и моментално на 129-то место на листата на „Tenis Evrope“.
На денешното првенство учество зедоа вкупно 48 јуниори кои настапија на терените на ТК „Макс Тенис про“ Скопје.
Да споменеме дека во конкуренција на двојки кај јуниорките победнички се Анастасија Арсовска и Лина Николовска (ТК „Југ“) и беа подобри од Ивана Божиновска (ТК „Југ“) и Деа Крстевска (ТК „Битола“) со резултат 6:3, 6:3.
Честитки за гевгелискиот јуниорски тенисер No.1 Александар!