Грешка
  • JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со id: 43

FULL MONTY PYTHON MACEDONIA

Понеделник, 28 Април 2014

Колумна на Арсим Зеколи

 

Колумна на Арсим Зеколи

Цинично и некоректно е да се очекува дека двете опозициски партии (СДСМ и НДП) можеа да сторат повеќе во ситуација во која беа исправени пред коалицијата на политички садизам, криминал, отворени закани и корупција

„Црно-чумна клет врз двете к’шти ваши“

Вилијам Шекспир

Пишувањето колумни на изборен ден редовно поминува во потсвесно друштво со духот на новинарот Артур Сирс Херинг. Тој е автор на неславниот наслов и новинарска прогноза „Дјуи го порази Труман“ на американските претседателски избори во 1948 година, која ја красеше насловната страница на рано пост-изборниот број на дневникот „Чикаго Трибјун“. А вистинскиот победник беше Хари Труман.

Преведено на наш терен и кожа, опасноста од погрешни прогнози е, за жал, несомнено помала, благодарение на нерамноправниот однос на сили и севкупната нездрава политичка клима во земјата. Но, и покрај (барем формалната) неизвесност на изборните резултати, она што се случуваше во последните неколку седмици заслужува достоен осврт поради своето сеизмичко влијание. Афтер-шоковите, бидете убедени, допрва и уште долго ќе ги чувствуваме, а можно е со уште поголеми потреси.

Сликовито пренесено, сезонската изборна „свадба“ ќе поминеше во вообичаената парада на политичко пијанство и патриотски кич, доколку овојпат не беше пропратена и со невообичаено тешки и храбри пораки од опозицијата кои не даваат причина за верба дека бракот што следи ќе биде среќен, а уште помалку долговечен.

Како никогаш досега за време на администрацијата на Груевски бевме сведоци на предизборие во кое се одвиваше безмислосно разоткирвање и разголување на владејачката елита.

Во духот на сленг-кованицата од насловот, таа потполна фронтална „full monty“ голотија ја стави на увид на јавноста севкупната монти-пајтоновска пародичност и бесмисленост на безмалку сите владини политики, вдахновенија, пораки, имиџи, слогани, пароли, ликови, патриотизми, чесности, скромно-смерности, безверни религии, истории, иднини и останатите политички халуциногени мирудии од нашата македонска салата. Рамсфелдовски сумирано, имавме можност да дознаеме добропознати работи, но и да слушнеме за нешта за кои знаевме дека ги знаеме, како и познати непознаници. Притоа почнавме да се сомневаме и во работи за кои не знаеме дека не ги знаеме, вклучително соочувајќи се со дилеми за кои не сме ниту свесни дека немаме поим дека не ги знаеме.

Во секој случај, на водството на вистинската опозиција на овие избори (СДСМ и НДП) треба да му се искаже признание дека со оглед на околностите, направи се' што можеше за да и стави на јавноста до знаење во што е разликата помеѓу нив и владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како и сателитскиот приврзок ДПА.

Цинично, некоректно и над се' нечовечно е да се очекува дека двете опозициски партии можеа да сторат повеќе во ситуација во која беа исправени пред коалицијата на политички садизам, криминал, отворени закани и корупција на партиите од шинелот на премиерот Груевски. Доколку на тоа ја додадеме и веќе брендираната непринципиелност на владините спонзори од меѓународната заедница, заклучокот се наметнува сам од себе: да бидеме реални, бараме премногу од грст луѓе кои на коцка ставија повеќе од своите лични политички кариери.

Времето ќе покаже дека овој пат предизборието беше долгорочно и суштински неспоредливо многу поважно од самите избори и гласачката понуда. Главно поради три причини.

Прво, на сцената веќе се гради и зајакнува новиот бран некорумпирани и за шанса за докажување гладни политичари со потполно чист образ и досие, чии имиџи ги надминуваат партиските рамки. Нивното појавување веќе дава јасен црно-бел контраст со валканите ликови на сегашното несвето тројство Груевски-Ахмети-Тачи.

Појавата на Стево Пендаровски, Зијадин Села, Зоран Заев, но и други нови ликови кои пленат со својата отвореност е доказ кој буди немир кај сегашната прва постава политичари, но ги отфрла и аргументите на странците дека „немаат со кого да работат“.

Второ, од страна на СДСМ наметнатите теми на корупција и криминал во највисокото државно раководство ги истиснаа вообичаените предвидливи и лесно-манипулативни сижеа за евроинтеграции, меѓуетнички односи, спорот со името... Тој приод на СДСМ и НДП успеа да го врати вниманието на граѓаните кон реалните проблеми со кои се соочуваме, и да се започне со реанимација на долго замрената јавност како централен инструмент на влијание врз политичките токови. Истата таа јавност, која досега беше окупирана од владејачките партии, нивните корумпирани медиуми и странските амбасади со познатите и веќе депласирани изговори за благиот и мек однос кон домашниот режим.

Трето, несомнената „победа“ на Али Ахмети ќе остане запаметена по тоа што е извојувана „јуначки“ против сите оние кои - секој на свој начин - му нудеа соработка и договор (СДСМ, Пендаровски, НДП) и „патриотски“ пораз пред оние кои со години и редовно не пропуштаат можност за упатување на дневна доза на понижување, исмејување, дискриминација и отворен презир кон Албанците (ВМРО-ДПМНЕ). Традиционалниот паразитско-слугински однос на Ахмети кон секој кој му гарантира опстанок на власт, ја исцртува листата на вистински приоритети на ДУИ.

При тоа, на агендата на евроинтеграциите очигледно меѓуетничките односи и економскиот развој се последни приоритети, доминирани од личните финансиски интереси на водството на ДУИ. Во секој случај, „патриотските“ јунаци Али Ахмети и Мендух Тачи еден ден ќе мора да им објаснат на Албанците (и другите) зошто тоа нивно јунаштво и чалам пред опцијата Пендаровски спласнува како меур кога отспротива ќе им седне Сашо Мијалков?

Со оглед на се' што се случуваше во последните неколку недели, овие избори ќе бидат јасен плебисцитарен индикатор за вистинските избори пред кои сме исправени и ќе не' дефинираат како жители или граѓани на оваа земја. Тој избор ќе ја дефинира и политиката која ќе не' управува во следниот период, согласно искажаната определба дали да бидеме раја доминирана од тиранија на владетели или самосвесно општество на граѓани, со избрани водачи на кои им веруваме дека ќе не' водат напред.

Нашите владејачки мухамеди во изминатиот месец јасно упатија порака дека не им е намера да се приближат кон брегот на ЕУ и НАТО, уште помалку да се справат со сеопштиот криминал и корупција во своите редови, а камо ли дозволат слободно општество и фер и рамноправни избори.

Останува да видиме дали брегот ќе се соземе, ќе ја разбере сопствената одговорност во придонесот за она што допрва ќе се случува кај нас и ќе реагира преку одземање на кандидатскиот статус за членство во ЕУ и преземање санкции против политичките претставници на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Чекор кој ќе загрижи многумина кај нас, но ќе упати и јасно предупредување до сите останати западно-балкански престолнини опфатени од криминалниот кракен дека Брисел на солзите веќе не им верува.

Во спротивно, треба да смогнеме сили и да се запрашаме дали тој фамозен брег воопшто постои или е само фатаморгана за нас жедните изгубени во пустина.

(Авторот е аналитичар)

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

ЈОУДГ „Детска Радост“ со радост расте

Децата од Детската градинка „Детска Радост“ Гевгелија денеска со песнички,

Повеќе

Министерката Тренчевска на средба со гевгелиските пензионери

Здружението на пензионери од Гевгелија брои над 4.500 членови, располага со

Повеќе

Од 1 септември мерки за заштеда на струја

Владата донесе мерки за заштеда на струја до 15 отсто – за домаќинствата и

Повеќе

Невреме во Кавадарци ги поплави и оштети улиците

Обилните врнежи во Кавадарци поплавија подруми од куќи, а оштетена е и главната

Повеќе

Нова инвестиција e.GO во Македонија,вредна 100 милиони евра

Најновата инвестиција во државата доаѓа од Германија и ќе ја претвори

Повеќе

Кривични пријави за двајца гевгеличани

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Д.(32) од Гевгелија, поради

Повеќе

Одземен пасошот на Жан Митрев како мерка за обезбедување

На барање на ЈО, судија на претходна постапка го прифати предлогот и на

Повеќе

Повредени 35 лица во сообраќајка кај Марвинци

Возач на камион кој вчера се преврте со својот нелегален товар - мигранти кај

Повеќе

Превртен камион кај Марвинци, повредени 29 лица

Во сообраќајка која се случила вечерва кај с.Марвинци, повредени се 29 лица.

Повеќе

РКЕ ги намали цените на горивата

Најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика носи надолна корекција

Повеќе

 
 

 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.