Одговорноста и вниманието на учесниците во сообраќајот за време на летната туристичка и годишноодморска сезона беше повод за едукативна акција што денеска ја изведе Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата при Општина Гевгелија во соработка со СВР Гевгелија.
Акцијата беше изведена на Граничните премини Богородица и Дојран со тамошните полициски службеници кои се во надлежност на СВР Гевгелија.
Беа поделени флаери, ладна вода за освежување, ваучери за кафе, капи и маици со пораката од акцијата „Вози внимателно“
Уморот, долгите колони за чекање на границите поради летниот туристички шпиц особено влијае на концентрацијата на возачот во текот на патувањето, па за да се избегнат сообраќајни несреќи волонтери и полициски службеници од граничните премини на ваков начин ги потсетуваа возачите на одговорност додека се зад воланот
За потребата од акцијата зборуваат податоците за фреквенцијата на Граничните премини во изминатите два дена која изнесуваше 75.000 патници, од кои над 31.000 македонски државјани.
Фото: ОСБСП
Продолжениот празничен викенд и неработниот ден „Илинден“ ги преплави граничните премини за излез од државата кон Грција и најжестоко го најавува летниот августовски туристички шпиц.
Така е и на двата јужни премини, ГП „Богородица“ и ГП „Дојран“. Колоната со возила за излез од Богородица достигна се' до Вардарски рид, уште од утринава до пладне, а возилата на оваа делница од автопатот „Пријателство“ не секнува ниту во текот на денот. Колоната на ГП Дојран утринава се протегаше дури до плажата Гранико, долга еден километар.
Гевгеличани ги паметат туристичките гужви уште од времето на 60-70 години на минатиот век кога по автопатот Е-75 се формираа колони од странски возила што чекаа да ја преминат границата, а најдолгата колона во шпицот на летната сезона се протегаше се' до мотелот „Вардар“. Така е и денеска, ама во три сообраќајни ленти.
За денешната гужва сведочи и ова видео снимено од висините на Вардарски рид од Д.Стојанов.
Според православниот календар денеска, 30 јули, се одбележува денот на света великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, која се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.
Според народното верување, Света Марина пали и казнува со оган и како и Свети Илија кој казнува со гром, спаѓа во огнени светци.
Обичај е да на овој празник, кога поради големата жештина гори и небото и земјата, ништо да не се работи, а домашните обврски да се сведат на минимум.
Поради горештините, сувата трева и немањето дожд се случуваат чести опожарувања, па народот ова го смета за огнен гнев и казна на Огнена Марија.
Во преданијата има примери за оган и громови кои во врелите празнични денови го палеле житото, сеното и домовите на луѓето кои работеле на овој празник.
Гевгелија го памети огнениот ден на 30 јули 2019 година кога изби пожар во станбена зграда на ул. „Ристо Чавдаров“ бр.25 при што изгореа шест стана, а многу повеќе беа оштетени.
Солидарна Гевгелија, со донации од Општината, од Здруженија, од граѓански прилози успеа да им помогне во маката да го обноват својот дом и кровот на зградата за станарите од опожарената зграда
Гевгеличани го паметат овој огнен ден. Да бидеме претпазливи на горештините и лесно запаливите работи и простор со и околу кои работиме.
Во туристичките места Калитеа и Афитос во Грција оштетени се повеќе автомобили со македонски регистрации, јавуваат тамошните гости, туристи.
Фотографиите ги објави ФБ страницата Грција уживо наменета за информации за српските туристи кои се на одмор во Грција.
На фотографиите се гледаат три автомобили со скршени стакла. Два автомобили имаат табличли од Битола.
Администраторот препорачува сите вакви инциденти да се пријават во полициската станица во Касандрија и да се бараат снимки пд камера за да бидат откриени насилниците и вандалите.
- „Ако некој од вас е меѓу нив, веднаш појдете во полиција во Касандра, многумина веќе пријавиле и инсистирајте да ги погледнат камерите на целиот пат бидејќи тоа не се случило на едно место, туку на неколку локации“, напиша еден од членовите на групата.
Инцидентот се случил вчера попладне.
Во полноќните часови полициски службеници од ПС Гевгелија пронашле 88 мигранти, кои биле предмет на „нелегален транспорт на мигранти“ низ територијата на општина Гевгелија. Групата била превезувана со товарно моторно возило, а возачот е приведен.
Во полицискиот изваштај од Полициска станица Гевгелија до МВР стои наведено:
„Денеска (27.07.2022) во 00.15 часот на место викано „Нова Петла“ во Гевгелија, полициски службеници од Полициската станица Гевгелија го лишиле од слобода А.С.(35) од с.Ињево, радовишко. На местото, полициските службеници запреле товарно возило „Сканиа“, со прилепски регистарски ознаки, со полуприколка и при преглед во полуприколката биле пронајдени 88 лица мигранти (56 од Сирија, 21 од Пакистан, 10 од Индија и 1 од Јемен), од кои 12 се малолетници.
Мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, а А.С. бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“ - се вели во извештајот на МВР.
Ова е најголема поединечна „фатка“ на мигранти на подрачјето на општина Гевгелија. Во текот на месец јули до сега во Гевгелиско полициските службеници на ГП „Богородица“ и ПС Гевгелија имаат спречен трансфер на вкупно 340 мигранти, само во патниот сообраќај. Инаку, нелегален транспорт откриваат и надлежните во железничките товарни возила.
Според Кривичниот закон на РСМ за делото „криумчарење мигранти“ предвидена е казна затвор до 4 години, а ако мигрантите се малолетници казната затвор е максимално до осум години затвор.
Неделна ноќна вожња со мотор за 43 годишен дојранчанец завршила со сообраќајна несреќа и тешки телесни повреди.
На 24.07.2022 во 22.30 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на регионален пат од Стар кон Нов Дојран, М.А.(43) од Нов Дојран, управувајќи мотоцикл „Сузуки“, без регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот.
Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани од дежурен лекарски тим во Општа Болница Гевгелија.
Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Гевгелија.
Од полноќ бензините се намалуваат за еден денар, а дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за 1,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Новите малопродажни цени на горивата се следниве:
- Еуросупер БС-95 ќе биде 95,5 денари за литар,
- Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 98 денари за литар,
- Дизелот по цена од 96 денари за литар.
- Екстра лесното масло за домаќинство од полноќ ќе се продава по цена од 94,5 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот се зголемува за 0,374 ден/кг и ќе изнесува 52,840 ден/кг.
Новите цени почнуваат да се применуваат на сите бензински во државата од 00:01 часот, на една минута после полноќ, значи од 26.07.2022 година.
- „Пожарот на месноста Погана е ставен под контрола. Веќе се' е изгаснато таму. Ништо не гори. Таква е состојбата од утрото после 08 часот, со двочасовните прелети на армискиот хеликоптер и гаснењето на терените на Погана. За превентива на терен распоредени се екипи кои го контролираат теренот за евентуално разгорување на недогорените згаришта“ изјави за GevgelijaNet заменик командирот на ТППЕ Гевгелија, Дејан Иванов.
Заедно со едно противпожарно возило од ТППЕ Гевгелија и тројца пожарникари денеска на теренот остануваат и силите од ШС „Кожуф“ од Гевгелија и Комуналното од Богданци, лица од Дирекцијата за заштита и спасување, Доброволното противпожарно друштво од Дојран со едно ПП возило и пожарникари од ТППЕ Неготино. Од утрово на терен беа и екипи на ТППЕ од Струмица.
- „Во моментот со лесно теренско возило се контролира теренот, а се интервенира на можни разгорени згаришта со грбни торби наполнети со вода. Ѓавото е спасено. Изгоре само една празна шупа на крајот од селото. Нема опасност ниту за селото Грчиште. Цела Погана е изгасната“, вели заменик командирот на ТППЕ Гевгелија Дејан Иванов.
Градоначалникот на Богданци со фејсбук статус се заблагодари на сите кои придонесоа во акцијата за гаснење на пожарот на Погана.
Вака изгледаше последната утринска интервенција на армискиот хеликоптер кој го гаснеше пожарот на Погана. Зад него остана само чад од опожарените места кои догоруваа после интервенцијата со водените ведра од небо:
Огнената ноќ на Погана со локализирана активност на пожарот некаде пред полноќ, ги остави без сон жителите на Ѓавото, а утрово поради ветерот се разгоре и пламените јазици почнаа да се движат од с.Ѓавото кон с.Грчиште.
Од Центарот за управување со кризи јавуваат дека кај с.Ѓавато пожарот е запрен на 100 до 200 метри од селото. На терен за гаснење на пожарот моментално се екипи на ДЗС од Валандово -тим за брз одговор со 13 вработени,Комуналец од Богданци со 10 луге, ДППД Дојран со 1 цистерна ,ТППЕ Струмица со 1 теренско возило со пумпа и 5 пожарникари, ТППЕ Гевгелија со 15 пожарникари.
Хеликоптер на АРСМ пристигнал во 06.00 часот и веќе 11 пати има дејствувано истурајќи вода на опожарените места, јавува ЦУК.
Синоќа после 11 часовна борба со опожарените терени на Погана, со голем ангажман на пожарникарите и лицата коишто го бранеа селото Ѓавато од огнената стихија, огнот е контролирано пресечен на 150 метри од селото и свртен во правец на црквата и гробиштата и не е навлезен во селото, според досегашните информации од ЦУК.
Дежурните пожарникарски мешани екипи беа распоредени со возила на 50 метри во линија пред селото со дежурни ТППЕ сили опремени со шест ПП возила-цистерни во намера да ја одбранат таа линија до утрото кога се очекуваа да пристигнат воздушни сили за гаснење на пожарот.
Според информациите од ЦУК, огнот синоќа зафати само една стара куќа на перферија од селото, која што пожарникарите сесрдно ја геснеле во доцните ноќни часови.
Вака изгледаше Погана вчера попладне пред селото Ѓавото:
Неделниот топол ден, опфатен со портокаловата топлотна фаза во земјата со температури над 40 степен од Целзиусовата скала, го преполни Дојран со гости и туристи.
Најголем број се викендашите кои ги преполнија плажите, шеталиштето, паркинзите, па во недостаток на лежалки се постилаа пешкири и на зелената трева од паркот.
Стар Дојран иако располага со 8.500 сместувачки објекти регистрирани според последниот попис во државата, сместувачќи капацитети за ноќевање се нудат само 1.000. Затоа, поголем дел од посетителите се неделни викенд гости кои освен плажата, езерската вода за разладување, ноќните прошетки и посета на локалните угостителски објекти, во текот на ноќта го напуштаат Дојран.
Се' на се' Дојран пулсира задоволно и на +40.
More...
На подрачјето на надлежност на полициски службеници од Полициска станица Богородица во текот на месец јули спречен е илегален транспорт на вкупно 252 мигранти. Tие се пронајдени во пет акции, а приведени се вкупно 7 лица.
Поседниот случај е регистриран вчера на подрачјето на општина Богданци. На место викано „Каменот“ во Богданци, околу (23.07.2022 г.) во 23.30 часoт полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Стар Дојран“ го лишиле од слобода Д.М.(44) од Скопје. При преглед во товарно возило „Сканиа“ со приколка, кое го управувал, биле пронајдени 86 лица мигранти од Пакистан, Сирија и Индија, меѓу кои имало и малолетници.
Мигрантите биле пренесени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија.
Возачот бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Најголемиот телегален транспорт на мигранти, во текот на овој месец, е регистриран на 9 јули кога во во товарно моторно возило „Ивеко“ со приколка, биле пронајдени 87 мигранти.
Извршителите на кривичното дело „криумчарење мигранти“ биле 43-годишен скопјанец и 26-годишен жител на Арачиново, и двајцата биле приведени на автопатот кај Клучка „Миравци.
Следуваат извештаите за спречен илегален транспорт на 61 мигранти пронајдени во автобус кој сообраќал на на автопатот А1, на делот Миравци – Демир Капија. (на 05.07.2022 во 22.00 часот), во контрола која ја спровеле полициски службеници од Полициската станица за граничен премин Богородица.
На 13.07.2022 околу 05.00 часот на магистрален пат кај с.Смоквица пронајдени се 14 лица мигранти во возило марка „Ауди“.
Последниот регистриран случај на криумчарењее мигранти во јули годинава е евидентира на 21.07.2022 во 18.00 часот на патот Гевгелија - с.Богородица, на место викано „Поново мовче“, кога полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ го лишиле од слобода С.А.(47) од Скопје. На местото било забележано како во неговото возило „Фиат Линеа“, со скопски регистарски ознаки, влегуваат четири лица. При обид да биде извршена контрола на возилото, три од лицата се дале во бегство, нo набргу биле фатени, при што било констатирано дека се од Пакистан, како и лицето што било пронајдено во возилото. С.А. бил приведен во полициска станица, а мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.
По целосно документирање на случаите МВР најави дека за сите сторители ќе биде поднесена соодветна пријава.
Согласно Кривичниот законик на РСМ за ваквите случаи „криумчарење мигранти“ е предвидена казна затвор до 4 години, а во случаите кога мигрантите се малолетни лица, казната е до осум години затвор.
Мигрантската криумчарска траса низ југот на нашата земја не мирува. Вчера како изведувачи на криминалното дело „криумчарење на мигранти“ во Полициска станица Велес приведени се двајца жители на Гевгелија.
Во полицискиот извештај на МВР стои наведено следното:
„На 19.07.2022 во 18.20 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода П.М.(20) и З.М.(22), двајцата од Гевгелија, поради сомнение дека со возило „Ауди А-8“, со гевгелиски регистарски ознаки, превезувале четири лица мигранти (три од Пакистан и едно од Сирија).
Имено, во 18.20 часот на регионалниот пат Р1102, возилото било запрено за контрола, возачот и совозачот избегале, а во возилото биле пронајдени мигрантите, кои биле сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија.
Набргу, по преземени мерки и по пребарување на теренот биле пронајдени и лишени од слобода П.М. и З.М.. Тие биле приведени во Полициската станица Велес и во координација со Јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава по итна постапка по член 418 од Кривичниот законик“ - се вели во извештајот на МВР.
Кривичниот Законик предвидува казна од 4 години затвор за делото „криумчарење мигранти“ до 8 години затвор ако лицето мигрант е малолетно лице. Предметите и превозните средства употребени за извршување на делото се одземаат, стои во Челн 418 од КЗ.
Некогаш најпознатата снаа од Стојаково, Боркица, мажена Груевска, за поранешниот премиер Никола Груевски, во негово отсуство и поради недостапност на органите го бара сопругот за развод на бракот.
Таа во Основниот граѓански суд во Скопје поднела барање за развод. Бидејќи Груевски во државава се води како недостапен на органите на прогонот, судот не може да ги одржи рочиштата и поради законски обврски објави оглас во Службен весник за да го информира. Ако бегалецот Груевски го види огласот, тој треба да одговори на тужбата.
Во огласот пишува: „Пред Основниот граѓански суд во Скопје е поднесена тужбата од тужителката Боркица Груевска од Скопје, против тужениот Никола Груевски од Скопје, со непозната адреса, за развод на брак, со вредност на спорот 20.000 денари“.
Во 2018 година Груевски избега во Будимпешта откако беше осуден од Основниот кривичен суд. По него е распишана потерница, и иако сите знаат дека е во Будимпешта каде доби политички азил, во државава тој е официјално недостапен на органите на прогонот. Боркица му е втора сопруга и со неа имаат две малолетни деца.
Советот на општина Гевгелија на денешната 12 седница ја изгласа Одлуката за долгорочно задолжување на општина Гевгелија за 39.803.000 денари, во домашна комерцијална банка (не наведена во одлуката).
Барањето за кредитно задолжување на општината за износ близу 650.000 евра дојде на „масата“ пред советниците на предлог од градоначалникот на Општината, Андон Сарамандов. Во одлукта стои дека задолжувањето е за изградба на водоводна и канализациона мрежа на улица „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија, а кредитното задолжување е со рок од 9 до 13 години со грејс период од 2-3 години и каматна стапка од 2,5%-4,5%.
Советниците од СДСМ побараа ваквото задолжување да биде симнато од дневниот ред но мнозинството тоа не го прифати.
Аргументите беа дека во услови на светска енергетска и економска криза, па и воените дејствија во Украина на многу начини влијаат врз економската состојба во светот па и кај нас и дека општината треба да ги избегне новите задлжувања, дотолку повеќе што веќе се отплаќа еден кредит од 48 милиони денари, наменет за изградба на бунарите за вода кај Вардар што го направи минатиот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Во одлуката за кредитно задолжување на долгорочен рок нема наведено договор со извесна банка, ниту податок дали каматата е фиксна, или променлива, што е многу битно во време кога банките најавуваат пораст на каматните стапки дури и на веќе постојните кредити како за физичките, така и за правните лица.
- „Впечаток е дека секогаш кога има градоначалник од ДПМНЕ на власт во општината тој ја задолжува општината. Потоа на следниот градоначалник му доаѓа обврската да го исплаќа долгот. Така и сега. Обврските со оваа одлука треба да паднат на седниот градоначалник што ќе дојде на функција во Општината“ - посочи во својата дискусија Тодор Ристов од СДСМ.
Грејс периодот од 3 години со долгорочното кредитно задолжување на Општината го остава Сарамандов „слободен“ од ануитетните плаќања по кредитот.
Советникот од граѓанската листа Томе Ќичуков дискутираше за потребата Општината да ги пренамени средствата од буџетот предвидени за проекти за кои нема услови да бидат започнати, или реализирани до крајот на годината па да се насочат за оваа намена за водоводна и канализациона мрежа на улицата „Свети Климент Охридски“
Советникот Миле Атанасов побара спецификација на трошоците за изградба на водоводна и канализациона мрежа што е намената на задолжувањето и доби одговор од администрацијата читајќи ги сумите од пред проектната докумантација која е подготвена во 2018 година.
- „Направете нови пресметки, корегирајте ги сумите со денешните цени, па да разговараме за реалните проектни можности“ побара од говорницата Атанасов.
Советникот Сашо Стојиловски од ВПМО-ДПМНЕ на обвинувањата на Ристов дека само градоначалниците од ДПМНЕ ја задолжуваат општината реплицираше дека „да не беше задолжувањето во Светска банка од 48 милиони евра Гевгелија уште ќе пиеше вода со арсен“.
По исцрпената дискусија и соочените аргументи за и против долгорочното задолжување на Општина Гевгелија се премина на гласање: „ЗА“ гласаа 10 советника, 9 беа воздржани. Мнозинството за одобрување на одлуката за долгорочно задолжување на општината го обезбеди ВМРО-ДПМНЕ и еден советник од ВМРО-НП. Така што впечатокот е дека ВМРО „обединето“ размислува кога е во прашање задолжувањето.
Инаку, реално гледано, новото кредитно задолжување на општината ќе го отплаќаат граѓаните на општина Гевгелија како „полначи“ на општинскиот Буџет со исплата на локални комунални такси, даноци на имот, данок на наследство и другите локални јавни давачки.
Фото: Принт скрин од моментот на гласање „за“