Членките на руската група „Пуси рајот“ објавија ново видео „Мамо, не гледај телевизија“. Учесниците, оваа песна ја нарекуваат своја изјава против војната во Украина. Половина од видеото се состои од документарни снимки од војната и нејзините последици: експлозии во Киев, Харков, Мариупол, Кременчуг, Дњепар.
Марија Аљохина, Олга Борисова и Дијана Буркот за порталот „Медуза“ раскажале дека сите материјали сами ги собрале, а кадрите не биле избрани случајно.
Спотот исто така содржи снимки од антивоени протести во Русија, вклучително и снимки од запалени воени канцеларии и феминистички митинг на отпорот против војната, како и крстови во спомен на загинатите жители на Мариупол. Сцените во кафулето ги снимиле во Париз, Таисија Кругових и Василиј Богатов, кои ги документираа „Пуси рајот“ од основањето на групата во 2011 година. На видеото се прикажани и антивоени графити што членовите на бендот ги напишале за време на европската турнеја, ноќта по концертите. Во Швајцарија дури и беа приведени поради ова.
Особено впечатлива е последната снимка во која една од членките на „Пуси рајот“ уринира врз портретот на Владимир Путин.
Бендот е на турнеја низ Европа со шоуто Riot Days, откако Путин на 24 февруари започна воена инвазија на Украина.
Турнејата собира пари за Украина, како и за детската болница Окматдит во Киев.