Првомајскиот продолжен викенд го полни Дојран и е барометар за претстојната туристичка сезона 2023. За овој празничен старт на туристичката сезона градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов изјави:
– „Општина Дојран се подготвува за претстојната туристичка сезона, а за време на продолжениот празничен викенд, за три дена, очекуваме над 30.000 посетители. Сместувачките капацитети веќе се резервирани, имаме над 300 приватници кои нудат сместувачки услуги, плус хотелите. Локалите имаат подготвено интересни забавни програми, со многу музички гости и веруваме дека сите кои ќе го посетат Дојран за време на празникот, ќе бидат задоволни“ – за „Фокус” вели градоначалникот Анго Ангов.
Тој појаснива дека плажите се средени, се работи и на патеките за пешачење, а за време на летната сезона ќе се отвореле и нови плажи.
Најчести гости се посетителите од земјава, но често може да се сретнат и гости од соседна Грција на традиционална риба во Дојран, потоа туристи од странство, кои на пат кон Грција или Турција решиле да поминат неколку денови покрај Дојранско Езеро.
Традиционалните дојрански локали, кои опстојуваат со децении, на менито ги нудат специјалитетите од риба, најчесто крап или пастрмка, и тоа по доста пристапни цени. Кременадли од крап, печен крап, крап во тепсија, икра или чипс од крап, чорби од риба или икра, печена пастрмка, и тоа по цени од 300 до 500 денари.
Цените за ноќевање во сместувачките капацитети се слични како во Охрид, од 2.000 денари за поскромни апартмани, па се’ до над 4.000 денари во помодерните сместувачки капацитети.