Екипа пензионерки од Миравци, членки на Здружението на пензионери од Гевгелија денеска на натпреварот за подготовка на баница под вршник ја понесоа ПРВАТА награда на натпревар кај манастирот Еленец каде се натпреваруваа пензионери од цела Македонија.
Мукает е да ги исукаш корите, да ја подготвиш баницата, да го потпалиш огнот, да направиш жар и под жарта на вршник да ја испечеш вкусната баница. Ете такви вредни пензионерки, а со години вредни домаќинќи во кујна за семејните софри по дома, за лезет на душа има нашето село Миравци.
Првото место и прогласувањето на најдобрата баница беше од страна на Марија Моневска, претседателка на Комисијата на жени пензионерки, која за најдобри ги прогласи баниците од Миравци. Второпласирана е баницата од Новаци и третопласирана баницата на пензионерките од Македонска Каменица.
Што да им кажеме освен честитки, или да прашаме кога ќе има таква манифестација во Миравци за да вкусат и гевгеличани од вкусните баници на миравчките пензионерки.
Инаку денеска стотина автобуси, комбиња и неколку илјади автомобили, претежно со пензионери од цела Македонија, пристигнаа во атарот на селото Цера и манастирот Еленец кој се наоѓа на десетина километри северозападно од Македонска Каменица. Овој манастир во 1880 бил возобновен на темелите на стариот црковен објект кој потекнува многу порано.
Манастирот се наоѓа во еден прекрасен планински крај на 1.000 метри надморска висина и пред неколку децении е прогласен за еден од најубавите и најживописните.
Повеќе од 20 волонтери од селото Цера и Македонска Каменица мошне организирано и успешно приготвуваа јадење за посетителите. На менито денеска беше јанија со јагнешко, манџа од еден тон, да пробаат сите посетители, вели главниот готвач Крум Георгиевски, кому му помагаат неговите колеги Душко Тодоровски и Геро Атанасов.
Вкусно и вредно си поминале денеска сите посетители на Еленец. Средбата беше збогатена со културна програма, со настап на културно-уметнички друштва, а дружбата продолжи со заедничко оро на зелените пољани пред манастирот Еленец.